Каракачанов, по 90% избројани гласови од денешниот изборен ден на бугарските парламентарни избори, се бори да влезе во парламентот. Со освоени 3,6% од гласовите, Каракачанов е под изборниот праг од 4% и веројатно ќе остане да крева врева пред скалилата на парламентот.
Првичните анализи на денешниот изборен ден на бугарските парламентарни избори, упатуваат на тоа дека ГЕРБ, партијата на бугарскиот премиер Бојко Борисов освоила најмногу, околу 25% од гласовите, за разлика од 33,5% освоени на изборите пред четири години.
Популистичката партија „Има таква нација“, предводена од ТВ водителот и критичар на Борисов, Слави Трифонов и проруските социјалисти предводени од Корнелија Нинова се во трка за второто, односно третото место во парламентот со околу 17% освоени гласови.
Со ваков распоред на силите во парламентот, Борисов се соочува со сложена ситуација и лоши изгледи за формирање стабилна коалиција. Веројатно поаѓајќи од таа ситуација, тој во првото обраќање по изборите, во вечерните часови се обрати со покана до сите политички партии кои ќе освојат места во парламентот, да се формира широка коалиција до декември, по што не ја исклучи можноста од организирање на нови парламентарни избори.