Нашата земја во периодот кога се осамостојуваше за среќа помина без оружени конфликти, а моето лично мислење за референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања, истакна премиерот Зоран Заев на трибината „Патот до независноста“ , што на негова иницијатива денеска се одржа во Владата по повод 30-годишнината од независноста.
На трибината, на која учествуваат и дел од директните учесници во политичките случувања од тоа време, Заев рече дека во тој турбулентен период на глобалната и регионалната политичка сцена, било очекувано настаните да бидат проследени со немири и вооружени конфликти, но оти во земјава таквите воени судири биле избегнати.
Во однос на референдумското прашање кое гласеше – Дали сте за суверена и самостојна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз со суверени држави на Југославија, Заев рече дека тоа било израз на политичките односи во тоа време и компромис меѓу македонските политички партии после долги и жолчни дебати, но не и консензус меѓу заедниците.
– Најголемата заедница после македонската, албанската тогаш инсистираше на референдумско прашање кое повеќе ќе ги дефинира внатрешните односи помеѓу заедниците во државата отколку односите со остатокот од Југославија. Референдумското прашање особено во вториот дел превираше и меѓу Македонците во поголем дел на национално обоените политички партии и кај граѓаните блиски до нив. Тогаш голем дел од граѓаните гледаа скриена стапица дека државата ќе се врати повторно во нешто што ќе остане од Југославија. Мојата лична опсервација на овие контраверзии на референдумското прашање е дека во тој период најважни беа заложбите за мирно разрешување на сите комплексни прашања кои беа врвен приоритет и на претседателот Киро Глигоров кој беше свесен за пресудната улога на меѓуетничкиот соживот, како и зачувување на мирот во земјата, истакна Заев.
На една таква претпазливост, како што посочи, повикувале искуствата од сите поранешни југословенски републики кои прогласувале незавиност и се соочиле со воени дејствија.
На денешната трибина учествуваат и првиот претседател на македонското Собрание Стојан Андов, поранешниот премиер Љубчо Георгиевски, како и Васил Тупурковски, Љубомир Фрчкоски, Ѓулистана Марковска, Насер Зибери, Џевдет Хајредини, Мухамед Халили и Денко Малески.
Професорот по меѓународно право Љубомир Фрчковски, кој беше и поранешен министер и за внатрешни и за надворешни работи, на дебатата во Владата посветена на 30 години независност „Патот до независноста“, осврнувајќи се на периодот непосредно по прогласувањето независност, рече дека во такви историски моменти на промена, најважна работа е важноста на одговорноста на политичките елити во тие моменти.
–Одговорноста на политичките елити во Македонија тогаш беше значајна и кај македонскиот и кај албанскиот блок и тоа изведе една операција која е ретка за една мала држава која првпат беше независна, која не постоеше во диломатската меморија во светот, бевме тотално оставени во тој прв период сами на себе, иако имавме стратешки партнери, рече Фрчковски.
Тоа, оцени тој, за земја на крстосница значеше дека или ја контролирате вашата држава, или ќе ве поделат.
– Во такви околности, без армија, со меѓуетнички односи какви што имавме и со отворени односи со сите соседи, и странци не можеа да разберат зашто војна во Македонија во тој период не изби. Истовремено имате период на исклучителен мир, инклузија на Албанците со сите проблеми со нив, тоа беше значаен и суштествен дел на процесот. Македонија прво се обиде да научи раскинување со Југославија, односно со Србија, тоа го учевме во тој момент. Второто прашање беше новото поставување на албанската заедница во Македонија, истакна тој.
Третата тема која ја учевме, продолжи Фрчковски, е борбата со идентиските прашања со Грција и со Бугарија.
– Посебно со Грција беше жестоко, издржавме две блокади со Грција, единствено отворена граница беше со Бугарија, две ембарга да не ве фрлт на колена, државата и во тие услови добива силна самодоверба, заклучи Фрчковски.
Првиот претседател на првиот македонски Парламент Стојан Андов, говорејќи на дебатата истакна дека таа наша историја на независна држава од 91-ва, почнува со првата седница на Собранието со која претседавал најстариот пратеник Никола Стојановски.
– Седницата заврши со мој избор на претседател на Собранието. Таа вечер стигна материјал од претседателсвото на СФРЈ и добив покана да ја преставувам новата власт во Македонија. рече Андов.
Тој потсети дека на 25 јануари била донесена Декларацијата за сувереност на Македонија и е првиот акт за прогласување независност на Македонија.
– Претходно, на 17 јануари, Глигоров беше избран за претседател со 116 гласови. Потоа го ставив за дискусија на дневен ред предлогот за декларацијата за сувереност, која потоа ја донесовме на 25 јануари. И целата постапка на независност на Македонија, се надоврза Андов, ја поставивме врз таа декларација – декларацијата за сувереност.
Поранешниот премиер и претседател на ВМРО-ДПМНЕ Љупчо Георгиевски смета дека доколку сите субјекти во земјава, без разлика на политичка, идеолошка или етничка припадност, во периодот на распадот на поранешна Југославија не сакаа самостојна и независна Македонија тоа немаше да се случи.
-Од друга страна едно е јасно ако таа самостојна и независна Македонија не беше поддржана од сите фактори во таа 90 година, макар дури и пасивно, а не со отпор, Македонија немаше да биде самостојна држава. Значи, имало голема желба кај сите структури независно дали се етнички, политички или идеолошки различни, Македонија да стане самостојна држава, рече Георгиевски на трибината „Патот до независноста“ што на иницијатива на премиерот Зоран Заев денеска се одржа во Владата по повод 30-годишнината од независноста.
Според него, опстанокот на земјава 30 години со, како што рече, толку маки, премрежија, борби е гаранција дека ќе опстанеме барем во следните стотина години.
Мухамед Халили, вели независноста на земјава лежела во сплет на околности на раздружување на Југославија и донесување на одлука.
-Тие што имаа елен да прогласат веднаш независна Република Македонија немаа предвид некои содржајни факти во однос на тоа што потоа, и така на партизански начин јуришаа кон независноста, но заборавија дека зацврстувањето на независноста на државата зависи од многу фактори, пред се економски, но и во однос на соседите имајќи предвид дека и нацијата и јазикот беа оспорени уште тогаш во југословенско време, но не помислија и на начинот како ќе се градат меѓуетничките односи, рече Халили, додавајќи дека тука била најслабата точка.
Целта на трибината е преку сеќавања, опсервации и размислувања да се сумираат научените лекции од соочувањето со предизвиците во деновите кога се подготвувал референдумот за прогласување за прогласување независност.