Посетата на Папата Франциск ја проследив во домашни услови пред телевизорот, од неговото пристигнување на скопскиот аеродром, и со неколку прекини, до мисата на плоштад.
Покрај сите забелешки за парализирањето на градот и неколку важни институции, меѓу кои, на прво место, би го навела Клиничкиот центар, ми остави впечаток добрата организација на градот. Барем што се однесува од моето гледање, од страна. Не знаеме точно со што се соочувале организаторите и координаторите на оваа посета. Во услови на тукушто завршен изборен процес, во паралелни подготовки за претседателски избори и посетата на највисокиот верски водач на католичката црква, гуд џоб!
Како љубопитна личност, и агностик по убедување, сакав да видам како ќе го доживеат овој настан граѓаните што решија да бидат денеска на плоштадот, и не само верниците. Настанот во целина, според мојот светоглед, е уште едно големо јавно потврдување и промоција на масивното лицемерие на религиските центри, државници, политичари од висок и не толку висок ранг, институции и општество, во однос на вистинските човечки вредности и смислата на животот. Во однос на општествената перцепција за минато, сегашност и иднина, во смисла на моментална дигресија или краткорочна концентрација врз реалните прашања што нѐ мачат или за кои бараме одговор. И многу други мисли ми протекоа додека ја следев литургијата и реакциите на конгрегацијата насобрана пред Папата. Нема да се задржам на фактите дека на пречекот на Папата имаше најмалку Албанци, а во земјава, малиот број католички верници, во најголем процент го сочинуваат токму Албанци од католичка вероисповед. Нема да се задржам ниту на моментот на кратката вербална размена меѓу сѐ уште актуелниот претседател на државата, Иванов и премиерот Заев, на пречекот на Папата на скопскиот аеродром, што беше цивилизирана, без „криви“ погледи или некаква негативна енергија меѓу двајцата, колку што можеше да се забележи од говорот на телата бидејќи не знам што зборуваа, немаше глас. Тоа што сакам да кажам е дека пред Папата, одеднаш, се претворивме во луѓе што живееме еден до друг, еден со друг, и кога не се согласуваме итн… Нема да се задржам ниту на знамињата на плоштадот, хрватското, албанското, коишто со себе ги носеа верници од овие националности, и за коишто знамиња веројатно никој не бил казнет. Бидејќи – Папата!
Нема да се задржам ниту на моите солени шеги дома и на работа пред моите колеги, во однос на Папата и сѐ што претставува тој и не само тој, туку и другите верски поглавари. Од почит кон верниците, но и затоа што се обидувам да си го намалам нивото на личното лицемерие во однос на овие прашања, бидејќи, сепак, убав дел од денот го посветив токму на оваа посета.
Можам само да замислам со какво чувство ќе живеат верниците, барем еден месец по овој настан. Не можам да замислам со какво чувство ќе живеат сиромашните што беа дел од таргет – листата на посетата на Папата. Веројатно, со истите маки и со гладни желудници, но со убаво сеќавање, дека токму за време на нивниот престој на земјата, ги посетил највисокиот претставник на Семоќниот и милозлив Бог. Ако нема за стомак, има за душа.
Денеска беше мирен ден, и покрај сите негодувања за случките околу настанот, и покрај сите воодушевувања од оваа посета (избегнувам да напишам историска, бидејќи ќе се приклучам кон сѐ друго историско што ни се случи во последно време, а за што ќе треба да се напише една книга, историска), градот и граѓаните доживеаја убав, чист, свечен ден. Вакви денови во иднина би требало да се случуваат почесто во нашата држава. За да се потсетиме на нас, на градот, на чистотијата, дисциплината, редот, и мирот.
Во папски манир, Pax Vobiscum, Република Северна Македонија. Утре, сѐ по старо!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.