Претседателот Стево Пендаровски денеска ги прими членовите на Советот за граѓански надзор од кои беше информиран за состојбата, предизвиците и проблемите во работењето на Советот.
-Неговото функционирање е особено значајно во предизборниот период, како единствен орган кој може да врши контрола на законитоста на спроведување над мерките за следење на комуникациите. Членовите на Советот изразија загриженост поради нефункционалноста на ова тело која, како што рекоа, произлегува од несоодветното спроведување на Законот за следење на комуникациите, којшто беше донесен со консензус меѓу политичките партии, информира Кабинетот на Претседателот.
Како што е наведено во соопштението, соговорниците потенцираа дека пратениците во Собранието треба да овозможат непречено практично, а не само декларативно функционирање на Советот за граѓански надзор во безбедносниот сектор.
-Тие нагласија дека нивната задача е да ги проверуваат сомнежите на граѓаните, да советуваат и алармираат, а токму реформите во овој сектор се еден од условите за нашите евроатлантски интеграции. Претседателот Пендаровски посочи дека безбедносниот сектор е еден од основните предуслови за политичка и економска стабилност на секоја правна држава. Оттаму, рече тој, сите надлежни институции треба да бидат максимално посветени во реформските процеси, вклучувајќи го и овозможувањето на целосна функционалност на Советот за граѓански надзор, како еден од механизмите во обезбедувањето на општите но и индивидуалните сигурност, приватност, права и слободи на секој граѓанин, информира Кабинетот на Пендаровски.
На средбата присуствуваа претседателката на Советот, Маргарита Цаца Николовска, и членовите Ице Илијевски, Гордан Калајџиев, Дијана Тоска, Арјета Цека Жаку и Марија Златанова-Коцева.
извор: МИА