ВЕСТ НА ДЕНОТ
Пендаровски му го врачи мандатот на Ковачевски за состав на нова влада
Претседателот Стево Пендаровски денеска му го врачи мандатот за состав на нова влада на лидерот на СДСМ, Димитар Ковачевски.
– Врз основа на членот 84, став 1, алинеја прва од Уставот на Република Северна Македонија и известувањето за предлогот за мандатар доставено од СДСМ, а поддржано од политичките партии во состав на коалцијата кои заедно го имаат мнозинството пропишано со Уставот во Собранието, за мандатар за состав на владата го определувам Димитар Ковачевски, претседател на СДСМ, рече претседателот Пенадровски во вила „Водно“.
Лидерот на СДСМ Ковачевски изјави дека доделениот мандат за него преставува чест и одговорност.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Маричиќ: Трагикомично е да ме напаѓаат за влијание врз судството луѓе кои беа симбол за заробено судство
– Трагикомично е Вангеловски и Маневски мене да ме обвинуваат за влијание врз судството, а тие беа симбол на заробено судство. Сега толку многу е различно судството и апсолутно е смешно да се споредува. Маневски е причина зошто Европската комисија и Венецијанската комисија препорача министерот да не присуствува на сесисите на Судскиот совет. Има шест разрешувања на судии од Маневски кои паднаа во Стразбур и за кои државата плаќа оштета… Вангеловски за претседател на Врховен суд беше избран без ден искуство како судија, а беше разрешен за нестручно и несовесно работење и има и кривична пријава за манипулации со еден притворски случај. Сакав да објаснам на јавноста кои се ударна тупаница против мене за еден мој фејсбук статус, рече Маричиќ.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ПРЕСУДА Денеска пристигна судска пресуда во корист на Здружението на новинари на Македонија (ЗНМ) за случајот каде што од профил на социјалната мрежа Фејсбук именуван како „Сашо Митев“ е напишан коментар под објава на Фејсбук страната на ЗНМ. Според пресудата од Основниот кривичен суд, лицето Сашо Митев е виновен по член 394-г од Кривичниот законик и му се утврдува казна затвор од три месеци, која нема да се изврши доколку не го повтори делото во рок од една година по правосилноста на ова дело, соопштуваат од ЗНМ.
ОБВИНЕНИЕ Основниот кривичен суд Скопје денеска информира дека обвинението против седум лица за нелегална набавка на софтвер и перење пари поднесен од Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција на 08.10.2021 година, е оценет и одобрен во целост од страна на Советот за оценка на обвинител акт.
ЈАВНА СОБА Полицијата спроведе брза истрага за случајот со групата „Јавна соба“ која по трет пат беше отворена на социјалната мрежа Телеграм, а доказите се испратени до Основното јавно обвинителство (ОЈО). Во новата група „Јавна соба“ која за еден ден брои 219 членови, а досега се споделени 61 фотографија и 14 видеа се споделуваат фотографии, профили од социјални мрежи, лични податоци, адреси и броеви од девојки од Македонија.
АНТИКОРУПЦИЈА Државната комисија за спречување на корупцијата (ДКСК) констатирала дека за организирање на новогодишната прослава на плоштадот во Скопје за 2020 година, на која настапи пејачот Дино Мерлин и други групи, прекршен е Законот за јавни набавки, поради основано сомневање дека Младинскиот културен центар постапил спротивно на законот и не спровел постапка за јавна набавка, туку распишал јавен оглас за организирање на новогодишната прослава.
ДЕМАНТ Семејството Рашковски, преку своите правни застапници, до ДКСК и медиумите испрати демант на објавите на сајтовите и социјални мрежи кои се однесуваат на семејството Рашковски и иницираната истрага од ДКСК во однос за незаконито постапување со цел примање награда – возило.
НАДВОРЕШНИ Надминувањето на разликите со Бугарија ќе биде едно од клучните прашања за Министерството за надворешни работи и во наредната година. На тоа, како што рече на денешниот годишен брифинг со новинарите шефот на дипломатијата Бујар Османи ќе се фокусираме со цел надминување на разликите, започнување на преговорите, меѓутоа, посочи, МНР има и многу други приоритети.
РУБРИКА Од денеска, на Цивилмедиа.мк се воведува нова рубрика – „Брза пошта“, каде што авторките и авторите можат да ги овековечат своите мисли, белешки и пораки. Во трката со времето, често се нема време за пишување долги и елаборирани коментари и анализи, а потребна е брза реакција. Затоа, Редакцијата одлучи да отвори таков простор кој може да послужи и како своевидна комуникациска алатка, размена на мисли и пораки, но и вовед во пошироки анализи и мислења.
МУЛТИКУЛТУРА
ЦИВИЛ ја прослави различноста
ЦИВИЛ денеска одржа мултимедијален настан на кој се промовираше документарниот филм во кој се сместени активностите од иницијативата „Направи разлика, почитувај ги различностите“.
Документарниот филм содржи пораки за почитување на различностите ипромовирање на мултикултурализмот и европските вредности во нашето општество, од јавни личности кои беа дел од овој проект. На настанот присуствуваа дел од учесниците во оваа извонредно позитивна иницијатива, како и соработници и активисти на ЦИВИЛ.
Направи разлика, почитувај ги различностите е продолжение на извонредно успешната иницијатива „Обединети во различностите“, која тимот на ЦИВИЛ ја спроведе со поддршка од Министерството за надворешни и европски прашања на Големото војводство Луксембург.
ДИСТРИКТ
Во Дистрикт на Цивил Прес Студио – интервју на Зоран Иванов со Сафит Зеќири, политиколог, магистер по дипломатија, аналитичар…
Тој зборува за: Македонското општество денес, меѓуетничките односи, партиите и клиентелизмот, новите коалициски трендови, изборниот модел.
СЛОБОДНА ЗОНА
Се сеќавам овие денови, како со преносот на текстот на аналитичарот Тим Џуда од лондонски „Економист“, на крајот на летото 2010 година, за прв пат во животот заинтересирав некои службеници на Владата за објавен напис. Се јавија на редакцискиот телефон од МНР и прашаа дали преносот е веродостоен, не сакајќи, очевидно, да веруваат дека некој сакал „да ја возобнови Југославија“. Така барем се читаше таа реакција од владина страна. Факт е дека не бев некој што го следи „Економист“ и дека до тој текст стигнав преку паничните реакции што се јавија во хрватскиот печат. Во нив стоеја емотивни содржини со кои се тврдеше дека, ете, се настојува да се „воскресне Тито“ преку идеја да се создаде лабава заедница во форма на пазарна унија, во која, би постоел слободен проток на луѓе и стоки. А ова би бил предтекс за влез на државите од Западен Балкан во Унијата, пишува Љубомир Костовски во колумната „Беше Југо-сфера, а стана Отворен Балкан“
Инспирација за мојов денешен текст се неодамнешните трагикомични и недолични случувања на релација адвокати-судии-обвинители во врска со пуштањето од притвор и повторното изрекување нова мерка притвор на поранешниот директор на УБК. Добив чувство дека и едните и другите и третите како да живееле, учеле и како да работат секој во свој сопствен систем на правда. Наместо сите заедно да го унапредуваат тие неодговорно и ,,крвнички” го доразградуваат и онака неефикасниот и неправичен правосуден систем во нашата држава. Судиите и обвинителите по којзнае кој пат ја покажаа својата недоследност и подложност на надворешни и внатрешни влијанија, а додека адвокатите се чини дека сериозно „забегаа во бранењето“ на нивниот клиент (посебно во делот на оправдувањето на потеклото на милионски дадената гаранција), пишува Јове Кекеновски во „Адвокатско-судско-обвинителска папазјанија“
Д. Мишев












