„Знам дека Европската унија се бави сама со себе, но таа мора да знае дека ние на Балканот сме 30 години во транзиција и мораме да видиме светло на крајот од тунелот“, изјави претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, во интервју за телевизијата N1, за време на неговото учество на Самитот на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, одржан во Сараево.
Пендаровкси смета дека објективно РСМ е малку разочарана од различните говори за отпочнување на преговорите што доаѓаат од ЕУ како целина.
„Минатата година во Софија на Самитот, ние имаме чиста, кристална формулација дека Република Северна Македонија и Албанија ќе почнат преговори, односно ќе добијат датум за преговори во јуни 2019 година. Тоа не се случи. Ние сме уверувани од највисоките германски официјални лица дека тоа е само техничко одлагање на процесот и ние тоа го прифаќаме и ќе чекаме на септемвриската одлука на германскиот Бундестаг и на октомвриската на целата ЕУ. Меѓутоа, го поставуваме прашањето – што ако во меѓувреме некој друг Парламент исто, од технички причини, го одолговлече процесот, бидејќи таму имате одлучување на принцип на консензус. Една држава е доволно да каже не и ние имаме повторно одлагање“, изјави претседателот Пендаровски.
Пендаровски, по смената на власта во Грција, не очекува пресврт од грчка страна во однос на Преспанскиот договор, но очекува, како што вели, малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот, особено во делот на трговските ознаки на производите од северниот дел на Грција и од Северна Македонија.
„Не очекувам пресврт. Очекувам веројатно малку поригиден став во однос на имплементацијата на договорот. Значи да појаснам или преведам – не очекуваме опструкција од новата грчка Влада, сега во октомври, кога треба наводно да се донесе конечна одлука за отварање на преговорите, за датум на преговорите. Меѓутоа, се разбира дека очекувам поради нивниот познат политички став од претходно, дека наредниве месеци и години, во рамки на преговорите по различни поглавја, ќе бараат стриктна имплементација на некои одредби од Договорот од Преспа, особено во делот на трговските ознаки. Имаме посебна комисија формирано која треба да ги означува сите продукти кои излегуваат од северниот дел на Грција и од Северна Македонија и можеби во тој дел ќе бараат поригидна имплементација на договорот, кој е инаку јасен и во тој сегмент“, изјави тој.
Пендаровски го потврди и неговиот став искажан на самитот во Сараево, дека внатрешната трансформација на ЕУ и пристапните преговори со земјите-кандидати треба да се одвиваат паралелно.