Претседателот Стево Пендаровски денеска го прими заменик претседателот на Владата задолжен за борба против корупцијата и криминалот, одржлив развој и човечки ресурси, Љупчо Николовски, кој го информираше за мерките од усвоениот План за борба против корупција.
Како што соопштија од кабинетот на Претседателот, Пендаровски го поздрави системот на мерки и изрази очекување дека тие ќе овозможат ефикасна превенција и борба со корупцијата.
-Борбата против криминалот и корупцијата е од исклучително значење во процесот на евроинтеграцијата, во градење на правната држава и за стекнување на доверба на граѓаните во институциите. За да постигнеме резултати во овој процес неопходна е целосна транспарентност, соодветни законски решенија и санкции, и придонес од сите институции, истакна на средбата претседателот Пендаровски.
Во таа насока, како што се наведува, претседателот Пендаровски, посочи дека е подготвен соодветно да ги поддржи мерките од новиот План за борба против корупција.
Паралелно со темелни институционални промени, според претседателот Пендаровски, важен сегмент во борбата со корупцијата е подигнување на јавната свест и охрабрување на граѓаните да пријавуваат случаи на корупција, стои во соопштението.