ВЕСТ НА ДЕНОТ
Претседателот Стево Пендаровски претпладнево ја почна дводневната официјална посета на Грција, што воедно е и прва на највисоко ниво меѓу двете држави, со оглед на тоа дека досега, ниту еден претседател на нашата земја не ја посетил Атина, ниту пак некој грчки претседател бил во Скопје.
Со државни и воени почести пред Претседателската палата во Атина, Пендаровски беше пречекан од претседателката на Грција Катерина Сакеларопулу. Претседателот Пендаровски во Премиерската палата ќе оствари средба со грчкиот премиер Киријакос Мицотакис, а во текот на денот ќе се сретне и со градоначалникот на Атина, Костас Бакојанис.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Апостол Симовски: Ние не можеме да исполнуваме нечии политички желби, туку нашата цел е со пописот да ја отсликаме реалноста. Нас не не интересираат ничии калкулации за проценти на население. Единствено ни беше важно населението да има можност слободно да ја изрази својата лична волја и да биде попишан онака како што се чувствува
ИЗБОРЕН РАПОРТ НА ЦИВИЛ
ИЗБОРЕН РАПОРТ #9: Фејсбук, КОВИД-19, злоупотреби, фингерпринт и селекција на набљудувачите
Деветти ден и деветто издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ во кое се застапени темите за падот на Фејсбук и реакцијата на шефот на Левица, за четвртиот насилен инцидент во кампањата, политичките злоупотреби на децата, препораките за заштита од КОВИД-19, фингерпринт апаратите и селекцијата на изборните набљудувачи на ЦИВИЛ.
ИЗБОРЕН МОНИТОРИНГ
ГРАЃАНСКА ПРИЈАВА ЦИВИЛ спроведува и долгорочен мониторинг на дезинформациите и говорот на омразата. Како и во низа други области, тоа се прави во блиска соработка со граѓанките и граѓаните. Меѓу другото, достапна е и Граѓанската пријава на која може да се пријавуваат случаи на дезинформации и говор на омраза, но и кршење на човековите права, корупција, дискриминација и низа други негативни појави во општеството.
ПРИЈАВА НА ИЗБОРНИ НЕРЕГУЛАРНОСТИ За време на изборниот процес, на располагање е и веб страницата Слободни избори со онлајн формулар за пријава на изборни нерегуларности.
ФЛЕШ ВЕСТИ
САМИТ Ние, лидерите на Европската унија (ЕУ) и нејзините земји-членки, во консултација со лидерите на Западен Балкан и во присуство на регионални и меѓународни чинители, денес го заклучивме следново: ЕУ ја потврдува својата недвосмислена поддршка за европската перспектива на Западен Балкан и ја поздравува посветеноста на партнерите од Западен Балкан кон европската перспектива, што е во наш заеднички стратешки интерес и останува наш заеднички стратешки избор, пренесе РСЕ.
Ова стои во драфт верзијата на Декларацијата која на 6 октомври во Брдо кај Крањ, во Словенија, ќе биде ставена на маса за потпис на Самитот ЕУ – Западен Балкан.
АНАЛИЗА Еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји, како што покажуваат интерни документи во Брисел, ја фаворизира Србија во редот кон ЕУ и истовремено ја ублажува загриженоста за демократските процеси во таа земја. Критичарите со обвинувања до Верхеји и дека не работи како чесен посредник за решавање на спорот меѓу Скопје и Софија за откочување на преговорите за членство.
Ова се наведува во анализата на влијателниот бриселски портал „Политико“ во пресрет на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан во Брдо кај Крањ.
ИНТЕГРАЦИИ Министерот за надворешни работи, Бујар Османи, во пресрет на утрешниот Самит ЕУ-Западен Балкан, денеска во Варшава оствари средба со финскиот колега Пека Хависто при што размениле мислења и очекувања поврзани со ревитализацијата и улогата на политиката на проширување на Европската Унија.
Како што соопшти МНР, акцентот беше ставен на eвропската перспектива на Северна Македонија, за што Финска изразува целосна поддршка.
ПОДДРШКА Претседателот на Соединетите Американски Држави Џозеф Бајден вчера зборувал телефонски со претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен и нагласил дека процесот на проширување треба да продолжи со земјите од Западен Балкан и да ја вклучи Северна Македонија, објави денеска на својот официјален твитер профил американската амбасадорка Кејт Мари Брнз.
ОБРАЗОВАНИЕ Здравствената криза ни покажа колку образовниот систем е кревок, а предизвиците кои ги донесе пандемијата може многу негативно да се одразат на знаењето на учениците, особено кај најмалите и да создадат празнини што тешко дека некогаш ќе можат да се надоместат доколку немаме квалитетен наставен кадар кој ќе успее ефектите од тие предизвици навремено да ги анулира и да ги заштити нашите деца. За среќа, нашата држава има токму таков наставен кадар, вели министерката Мила Царовска во честитка по повод Светскиот ден на учителот 5 Октомври.
ИСТРАГА Во Основното јавно обвинителство Тетово доставен е Извештајот од извршено вештачење на траги од пожарот во Модуларната ковид болница во Тетово, изработен од Одделот за криминалистичко-технички испитувања и вештачења при Министерството за внатрешни работи. Согласно издадената Наредба од Основното јавно обвинителство Тетово, вештачењето утврдува постоење траги од електрична куса врска на доставениот материјал подигнат при вршење на увидот на самото место на пожарот, како и траги што се значајни за утврдување на причината поради која настанал пожарот во Модуларната болница, во кој животот го загубија 14 лица, информираат од Јавното обвинителство на Република Северна Македонија.
КАМПАЊА МВР во соработка со Европол и полицијата на Хрватска, Словенија, Србија, Босна и Херцеговина и Црна Гора, започна меѓународна кампања „Кажи не!“
– „Кажи не!“. Сексуалната злоупотреба на деца на Интернет остава далекусежни последици врз жртвата, која мора да живее со сознанието дека фотографиите и видеата добиени преку злоупотреба на довербата може да се шират на интернет во секое време и да бидат достапни за секого.
ПОЛИТИЧКИ ОКЕЈ КОРАЛ
Кандидатите за Град Скопје ветуваат ин-витро за млади брачни парови, нови спортски инклузивни игралиштa за децата со попреченост, гратис маичка доколку се донира по 300 денари за кампањата на ЗХГ. И денеска трагедијата во која загинаа 14 лица во модуларната болница во Тетово беше искористена за собирање политички поени.
АНАЛИЗИ
За нив, за нас, за прославите и контрапрославите, за интеграциите и рампите, за изборите и лагите, за моралот и оставките, за претседателите и испадите, за пописот и контрашите, за администрацијата и релаксацијата. А всушност, само за примитивизмите наши овдешни Балкански, пишува Зоран Иванов во анализата „Фингерт принт – фингер примитивно“.
СЛОБОДНА ЗОНА
Оти, демократско-капиталистичкиот „договор“ не беше таков: добро, ајде, по една јахта и по една вила на Азурната обала, па и по еден Пикасо обесен на ѕид или фудбалски тим во Премиер лигата; ама не и цели квартови низ Лондон и Женева и збирка на дијаманти како од времињата на Луј IV и Романови, добога! Тоа ги предизвика буржоаските револуции, по што следуваше воздигнувањето на капитализмот – нема сега да се враќаме назад со рушење на капитализмот на истиот начин како што го градевме!, пишува во новата колумна на Сашо Орданоски „ Пандорина кутија: Следи ги парите!”.
Д. Мишев












