Во 21 век кога сите ние како луѓе се стремиме кон највисоки интелектуални и секаков вид на достигнувања, дали за животниот стандард или културолошки или пак спортски, за политички кога станува збор тој процес е можеби најтежок. Ова го пишувам поттикнат од неколкуте случувања кои се за мене, а верувам и за вас, многу интересни. Пред неколку месеци е дадена покана за нашата држава Република Македонија да се приклучи како полноправна членка на НАТО пактот, а таа е условена со договорот од Преспа.
И таму, во Брисел, симболичниот гест на нашиот премиер кон најмоќното оружје беше повеќе од видлива, бакнувањето на толку скапоцениот предмет кој симна режим, предметот што пушта сина, а може и друга боја, одекна со брзина на светлината, предметот кој го пишува словото „О Писменех“ и многу други Капитали за нас и нашето општество, повторно победи. А, пак, на тој ден во Брисел се случуваше можеби еден од најголемите настани за нашата држава по падот на Берлинскиот ѕид, кои ќе претставуваат пресвртница во биполарниот политички свет, социјалистички, комунистички и оној демократскиот, капиталистички…., од тогаш па наваму овој свет се разбива со голема брзина, а ние на Балканот извадивме боздогани и сабји и почнавме со нашето препознатливо оро. Но, до кога, сѐ додека не се направивме лом, крв, држави и мед…
Сите во ЕУ, НАТО, а ние овде турнавме во историјата режим – со пенкало. Успех загарантиран, морална и секаков вид на сатисфакција, борба на некое поле умствено, бокс, или пенкало, плодот е очигледен, сите сакаме да го вкусиме, сите да го обереме и секако препознатливиот гриз. А тој пустиот, убав, вкусен , не може да се опише. Колку ќе биде одржлив, зависи само од нас самите.
Можеби првиот чекор е најтежок, аеродромот Петровец беше шпицот на нападот и откако створивме шанси за гол, Преспа ни ги овозможи тие шанси да се реализираат, но никако не смееме да застанеме овде, и не сега. Прославите завршија, изгласавме еднашка, 80-темина величествени застанаа како бедем, но ни претстои работа и, дополнително мотивирани, треба да си обезбедиме стопроцентна шанса за гол, нормално, без офсајд ситуација – и реализацијата е неизбежна. Не сакам, а ниту имам на ум да замислам што сѐ би ни се случило доколку промашиме празен гол.
Од нас зависи, јас го поддржувам, а за вас… вие одлучете си, големи сте. Заев ни даде шанса, дајте да ја искористиме, можеби ви е последна за европски живот психокантропуси. Мојата визија е, секако, мастилото пред боздоганот, а за пред сабјата и да не зборувам. Ниту имаме мајстори за острење на сабјата, а затоа што немаме, ќе треба да увеземе, а во тој случај ќе треба да ги платиме, ниту пак имаме мажи за држење на боздоганот, тој пак пустиот е тежок, надвиснал како бреме над сите и може да ни се струполи на глава и да нѐ дотолчи.
Затоа одберете го пенкалото за да немаме џумки и рани кои нема да ни зараснат никогаш.
Впрочем, соочувањето на пенкалото против боздоганот доби една нова културно-технолошка средба, во една нова ера. Колку и дали ќе биде единствена ќе видиме, но се надевам дека ќе ги приближи ставовите на пенкалото и боздоганот. Лично, моето убедување е дека боздоганот ќе затапи, а пенкалото ќе се распише. Друга е димензијата „Зошто ?“ Македонија во моментов ја бранат 80-темина величествени, построени пред последната битка, како онаа на ранетите во Неретва, и се надевам, успехот на војувањето со итрина и умешност и овој пат ќе роди плод .
Битна е одлуката, а не формулацијата, битно е спроведувањето на истата или отфрлањето. Овде дополнително ќе се вклучиме во дебата, колку сме ние демократски зрела држава и општество, но затоа, потоа. Вајат Ерп и Док Холидеј во модерната архитектура на нашето секојдневие би рекол. Клучна е брзината на револверашите, пладнето и поклопувањето на стрелките со тајмингот на Хан и Столтенберг е од исклучително значење за брза и ефикасна реакција. Пенкалото ќе фрли острина, а боздоганот тежина, на нас е одлуката.