Владата на Мицкоски предизвика целосен хаос со исплатата на пензиите. Откако ги излажа пензионерите, сега се обидува вината да ја префрли на некој друг. Ако ВМРО-ДПМНЕ поднело неуставен закон, тогаш нема друг виновен освен оние што го поднеле – реагираат од СДСМ во соопштение.
Клучното прашање е: дали ВМРО-ДПМНЕ намерно им го приреди ова на пензионерите?
Факт е дека методологијата за усогласување на пензиите би донела повеќе пари кај пензионерите, без да го загрози Фондот, кој и онака има дупка од над 1 милијарда евра. Дополнително, ДПМНЕ исклучи 12.000 пензионери од законските усогласувања и зголемувања на пензиите.
Во меѓувреме, постои и официјална одлука на Комисијата за заштита од дискриминација, која потврдува дека е направена дискриминација и наложува измени на Законот – измени кои сè уште не се поднесени. Дел од оштетените веќе покренуваат тужби што ќе ја чинат државата значително.
Поради лошите политики на ДПМНЕ, дупката во ПИОМ надмина 1 милијарда евра, пари што државата мора да ги надополнува секој месец само за да ги сервисира пензиите. Сè друго е политички спин.
Премиерот Мицкоски вчера одговарајќи на пратенички прашања во Собранието призна дека е покрената постапка пред Уставниот суд за линеарното покачување. Тој ја обвини судијката Кацарска – како што ја нарече „архетип на неправдата“ – дека стои зад иницијативата што ќе доведе до укинување на линеарното зголемување.
Според него, одлуката веќе е донесена и потпишана, што значи дека 70% од пензионерите ќе добијат помали пензии од следниот месец. Мицкоски повтори дека ваквиот исход „не е фер“, припомнувајќи на последиците од транзицијата врз денешните ниски пензии.
Тој дури предупреди дека истиот Уставен суд можеби ќе ја „одмрзне“ платата на судиите и обвинителите, додека пензионерите ќе останат со укинато зголемување. „Ова е неправда за пензионерите“, рече Мицкоски.












