Националната стратегија за спречување на корупцијата и судир на интереси како и акциониот план за нејзино спроведување веќе е влезена во собараниска процедура.
Очекувањата се пратениците позитивно да се произнесат за истата отворајќи и пат на Државната комисија за спречување корупција и судир на интереси во наредните пет години да придонесе кон подигнување на довербата во институциите н системот, ефикасно користење на јавните ресурси и јакнење на демократијата, општествените вредности и можностите за остварување на човековите права.
Како што истакнаа од ДКСК по усвојувањето на Стратегијата, главни цели што треба да се постигнат се: зголемување на нивото на политичка одговорност, совесно управување со политичкото влијание во јавниот сектор и спречување на политичко влијание во работата на независните и во постапките регулирани со закон, јакнење на интегритетот и отчетноста во јавниот сектор, спроведување на надлежностите во јавниот сектор на законит, транспарентен, етички, економичен, одговорен и ефективен начин, обезбедување на интегритет и транспарентност при вработување и политиките за човечки ресурси во јавниот т сектор, базирано на систем на вредности и критериуми за квалитет, јакнење на надзорните и контролните механизми, дигитализација во сите сектори на јавните служби, намалување на корупцијата во јавните набавки и во процесот на доделување на грантови, субвенции и друга државна помош, зајакнување на капацитетите и на посветеноста на органите за спроведување на закон, на обвинителството и судството во откривањето и санкционирање на корупцијата, како и јакнење на отпорноста на корупција во нивните редови, поддржување на транспарентноста и интегритетот во приватниот сектор, подигнување на јавната свест и спроведување на антикорупциска едукација и вклучување на граѓанското општество и медиумите во борбата со корупцијата во општеството и градење на личен и професионален интегритет, вклучително и во нивните рамки.
Во Стратегијата се селектирани приоритетните проблеми кои генерираат висок ризик од корупција и се идентификувани мерки за нивно надминување подделени во повеќе категории: јавни набавски, здравство, вработување во јавен сектор, органи на спроведување на законот, труд и социјала, животна средина, земјоделство, спорт, економија и бизнис…, но она што е од посебен интерес во престојниот период е политичкиот систем, правосудството и медиумите и граѓанското општество.
Политички систем
Политичкиот систем во себе ги опфаќа власта и политиката, со посебен фокус на законодавната власт и изборниот процес, односно како функционира Собранието и како се спроведуваат изборните процеси.
Адресирани проблеми на кои ќе работи ДКСК во однос на политичкиот спстем се донесување на закони по скратена постапка без образложение и оправданост за истата, предлагање и донесување на регулативи без претходни анализи и проценка на влијанија во функција на заштита на јавниот интерес, немањето санкции за оние што не поднеле изјава за имотна состојба и интереси од оние лица кои имаат ваква обврска, а што се однесува на изборните процеси отсуство на механизам и критериуми за ефикасно следење на финансирање на медиумските кампањи во изборниот процес, како и непостоење на регулатива за евидентирање на интернет порталите во регистарот за електронските медиуми што се води во ДИК.
Особено внимание ќе обрне и на нерегулираната интеракција помеѓу лобистите и претставниците на органите на законодавната и извршната власт, како и функционерите од локалната власт. Во Република Северна Македонија постои Закон за лобирање кој во пракса е нефункционален, нема правила за регулирање на начинот на кој ќе се спроведува процесот на лобирање, особено во делот на интеракцијата помеѓу лобистот, функционерот и трети лица кои имаат интерес од донесување на определени одлуки. Во отсуство на овие правила, лобирањето продолжува да се одвива во разни алтернативни форми, кои најчесто се засновани на непринципиелни, па дури и коруптивни основи, се образложува во Стратегија. Затоа ДКСК ќе работи на итно донесување на правила за начинот на кој треба да се одвива процесот на лобирање.
Медиуми и граѓaнско општествo
„Во функција на унапредување на состојбите во сферата на медиумите, потребно е изготвување и донесување на национална стратегија за развој на медиумите. Понатаму, во насока на спречување на злоупотреби на медиумите во политички цели, потребно е воведување на зајакнат надзор, укинување на платеното политичко рекламирање на партиите во изборните циклуси и зајакнување на критериумите за доделување на државна помош за печатените медиуми. Друг проблем во овој сектор е отсуство на (само)регулација на онлајн медиумите што треба да се воспостави, а воедно и да се надгради регистарот на професионални медиуми. Во однос на граѓанските организации (ГО), потребно е да се реформира системот на државно финансирање на овие организации во насока на заснованост на реални потреби на институциите и повисока транспарентност на системот“ , истакна Ивановска на седницата на ДКСК за усвојување на Стратегијата.
Правосудство
Јакнењето на интегритетот на човечкиот фактор во судството, јавното обвинителство и државното правобранителство преку унапредување на кодексите за професионално однесување, нивна примена и реализација на соодветни обуки, ќе биде во фокусот на ДКСК.
Важен аспект во правосудството ќе биде подигнување на транспарентноста преку законско регулирање на јавноста на работата на седниците на Советот на јавните обвинители, утврдување на законска обврска за задолжително усмено образложување од страна на членовите на Советот за нивните одлуки за избор и разрешување на јавен обвинител, како и воспоставување на ефикасен транспарентен систем за комуникација со јавноста на државното правобранителство.
Составен дел од Стратегијата е акционен план во кој детално се разработени идентификуваните мерки по активности и индикатори. Обврска на ДКСК е да ги следи остварувањето на мерките активностите од Стратегија и да ги подготвува годишните извештаи што најдоцна до 31 март секоја година ќе ги доставува до Собранието.
Б. Ј.