пилотира: ПЕТРИТ САРАЧИНИ
„Пилотите“ и изложувањето на една цела етничка заедница на потсмев и говор на омраза повторно ги извадија на површина сите аспекти на долгогодишната деградација и дехуманизација на нашата јавност.
Паднаа на испит многумина, особено меѓу оние што треба на оваа јавност да и ги отворат очите за вистинските теми и опасности, да ја пилотираат низ облаците од лаги и глупости својствени за дигиталната ера. Да развијат еден вистински критички, демократски, етичен и достоинствен јавен дискурс, кој нема да продуцира поделби, вербално насилство, разочараност и безизлез, туку дијалог, решенија и напредок.
Наместо тоа, наспроти арачиновските „пилоти“ се нацрта цела армија теледиригирани дронови и беспилотни летала, со веќе видените „производи“.
Секако, не може човек ни малку да замери на општото граѓанство ако барем малку поверува на вакви глупости. Луѓето се постојано бомбардирани и конзумираат секакви „вести“ и не веруваат веќе во политиката и партиите, а многумина знаат „од искуство“ какви глупости досега ветувале разно-разни политичари и „газди“ на овие простори.
Оние со подолго паметење ќе се сетат, парадигматична анегдота за тоа е „И Кичановиќа ќе га донесемо!“, изјава која се атрибуира на директорот на Тетекс, локален моќник кој сакал да го засили тетовскиот фудбалски клуб кој своевремено се бореше за влез во првата ју-фудбалска лига (за помладите, Кичановиќ е легенда на ју-кошарката).
Довербата во политиката и партиите е сериозно разнишана и тие треба да работат посериозно и подолгорочно на нејзиното враќање. А тоа нема да го постигнат во ваква ѓурултија и какофонија од лаги, полувистини, манипулации, инаети, недоразбирања, критика поради критика, злоупотреба на медиумите и јавноста… Ќе треба да излезат од рововите и да соработуваат.
Од она што се гледа на теренот, некои од „засегнатите страни“ во политичката битка ги темелат медиумските и комуникациските стратегии токму на продлабочување на оваа деградација. За жал. Се додека е така, и нашата заедничка битка за напредок за сите без оглед на припадноста, за демократска јавност каде дебатата се одвива со почит и аргументи, ќе биде бааги потешка и ќе потрае подолго.
Туку, настрана и изблиците на „љубов и толеранција“ меѓу нашите братски етнички заедници кои секогаш си честитаат празници и си јадат баклави и јајца, а богами и недовербата во политичарите и партиите. Колку и да сака некој да премолчи и да не види, должност на младиќот е да истакне, нагласи и подвлече дека, по не знам кој пат, на површина излегоа плиткоста, лековерноста, незнаењето, неразбирањето, неинформираноста. Но и непрофесионалноста, тенденциозноста, површноста, злобата, подлоста…лесно ќе препознаете што е тука човек и човечка грешка, а што – беспилотно летало, под команда.
Што се однесува до беспилотните летала, дроновите и ботовите, топовското месо и профилактичките медиумски средства, секако, според нивниот профил и нивната меѓусебна координација, лесно ќе ги препознаете и нивните диригенти. Оние што се употребувачи, со далечински управувачи. Начинот на кој се обидоа да ги злоупотребат „пилотите“ говори дека нивната моќ слабее, а нивниот очај расте. Батериите се скоро „азиз“, и „даљинското“ се послабо фаќа. Така е тоа кога си далеку од очите, срцето и „пуњачот“, во Белизе, Будимпешта или Москва, сеедно.
#AluminiumOverMaximum
#BespilotnoLudilo