Драги мои лажови и бескичмењаци! Вие што сеете страв и недоумица кај нас, обичните смртници, што не можеме да ви се фатиме за „таквото“ кога се наоѓате во кулминацијата на своето владеење со кое поробувавте, газевте, понижувавте и потценувавте! Вие, кои немате образ, срам и перде и дури и сега, кога сте поразени, се однесувате како чувари на небесата, бидејќи, ако вас ве снема, Универзумот ќе пропадне, а сите ние ќе исчезнеме бестрага!
Зошто ви требаше таа глупост да повикате високо свештеничко лице да посведочи во ваша корист? Зошто тој воопшто прифати такво нешто? Каде е правилото: ако те удри по едниот, сврти му го и другиот образ или пак се модифицирало во: ако си го треснал еднаш, зошто не и втор пат? Мислите ли дека на тој начин ќе го смекнете судот? Мислите ли дека на тој начин му праќате порака на македонскиот народ дека: Црквата е секогаш со своите чеда без оглед на степенот на криминалното дејствие на тие „јагниња од кроткото стадо“ или пак сте безнадежно упикани у филмот за љиљакот осветник?!
Кога сме веќе кај филмската уметност, завчера на Телма го гледав филмот “Глув Барут“ во кој партизаните и четниците водат војна едни против други, но, главните жртви се невините жители на селото во кое се одигрува тој судир. Импозантна беше улогата на селскиот поп кој во еден момент ги критикува партизаните и ги проколнува поради нивните злосторства, а веќе во другиот момент ги проколнува четниците поради нивните злосторства. Фантастично! Па зарем тоа не треба да биде улогата на свештениците, било да се попови или оџи?! Да го бранат народот, а не злосторниците! Да не се мешаат во политиката, а уште помалку да бидат поддржувачи на оваа или онаа политичка опција на сметка на тој што мисли поинаку.
Додека ДПМНЕ беше на власт, луѓе во одори на попови, квази-политички аналитичари и докторанти по политичка географија, барем така ни се претставуваа, ни дишеа у врат за да ни го измерат пулсот или колкав ни е капацитетот на белите дробови! Не можевме ни лична карта да извадиме, а да не нѐ повикаат на „едно пријателско кафе“ тие од внатре! Кафето траеше по најмалку три часа. Како и секогаш, ИВЗ, мислам на највисокото раководство, немаше слух, ниту појма а Богами ниту интерес што се случува со нас. Но ете, Богу фала, таа будалаштина беше и си замина, засекогаш, се надевам. Не се сеќавам дека некој од нив поитал нешто да дигне глас против политичко-верската пресија на ДПМНЕ или барем јавно да советува бидејќи, за нас, обичните смртници, јавниот настап тогаш беше во домен на научна фантастика.
Абе, што му требаше на така истакнат претставник на Црквата да се појави и јавно да го помилува своето чедо кое доаѓа директно од дувлото на Готамските банди? Зарем не се сеќавате кога во Македонијава ни, пред неколку години дојде осведочениот бандит од геноцидната креатура, таканаречената “Република Српска“, Милорад Додик, кого Ивона во интервју на Сител, со восхит го дочека небаре е ветениот светец кој ќе ги одведе директно во рајот! Подоцна испадна дека Додик му бил чедо на Качавенда, свештеничко лице на тамошната црква за кого се води постапка за силување на малолетни бошњачки деца во казнените кампови во БиХ од 92-та, па сѐ до крајот на 95-та година. Исто така е осомничен и за педофилија внатре во Српската Црква, или не сте знаеле!? Да не заборавам да спомнам, Додик е на црната листа на САД.
Мислам дека во скопскиот Готам, горе на врвот од кулата на духовноста, стои Бетмен и набљудува, ама, не да им помогне на обесправените и од 27-ми април претепаните, туку си стои таму за уште малку да ни се посере на глава и ништо повеќе. Арно ама, додека Бетмен се повикува на авторитетот на духовниот храм, главниот шеф, Пингвинот, веќе одамна го напуштил Готам со ветување: I’ll by back од Будимпешта!
Жими дебелото месо!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.