По осум месеци од монтирањето на скелињата околу средното училиште „Цветан Димов“, ветената реконструкција на објектот во Чаир, почна дури вчера. Почетокот на работите го објави градоначалникот на Скопје, Петре Шилегов, пренесува „Порталб“.
Шилегов рече дека фасадата ќе има посебен визуелен стил, во кој доминира стакло.
-Новата енергетски ефикасна фасада на „Цветан Димов“ ќе има специфичен визуелен и естетски стил, односно ќе биде стаклена со алуминиумски композитни панели во боја. Оваа реконструкција ќе заштеди енергија и полесно ќе се одржува температурата во зимскиот и во летниот период во училиштето. Учениците и професорите ќе имаат поквалитетни и подостоинствени услови за настава – рече Шилегов.
Работата со реконструкцијата на фасадата инаку се завлечка многу. Град Скопје на прашањата од „Порталб“ во февруари одговори дека работите не се започнати поради атмосферските услови, но не одговорија колку чини проектот, кога ќе се реализира и колку се плаќа за скелињата месечно и колку пари досега се фрлени во ветер поради пролонгирањето на почетокот на реконструкцијата на училишната фасада./мета.мк