Веќе ни стана јасно дека нештата во земјава не се како што изгледаат. Политичките виори секојдневно ни ја фрлаат сивата маса, де ваму, де таму, и работите редовно ги гледаме обратно. Зад политичарите воопшто не заостануваат челниците на верските заедници чијшто личен имот се мери во милиони евра, но, за тоа ќе пишуваме подоцна бидејќи има доста да се говори. Па така, вистината понекогаш ни изгледа како манипулативно подметната интрига, а лагата, поради нејзината моментална убавина, ја прифаќаме со ширум отворени раце бидејќи не можеме да му одолееме на нејзиниот шарм кој подоцна многу скапо не чини. Ќе искористам прилика да ве потсетам на средбата помеѓу лагата и вистината и тоа како луѓето ги доживуваат овие две секојдневни појави во својот живот.
Се сретнале лагата и вистината покрај едно езеро. Оваа втората рекла: „Добар ден!“ Лагата возвратила: „Навистина прекрасен ден!“ Вистината малку погледнала околу себе и заклучила дека стварно бил прекрасен ден. Лагата забележала: „Езерото е преубаво!“ Вистината погледнала и дошла до заклучок дека езерото навистина било преубаво и тоа го потврдила. „Водата е уште поубава!“ – кажала лагата а вистината брцнала со прстите и одговорила: „Стварно е така!“ „Ајде да се избањаме!“ – предложила лагата. Вистината тоа здушно го прифатила. Се соблекле и се фрлиле во водата. Пливале некое време и одеднаш лагата излегла од водата и ја облекла облеката на вистината и избегала. Вистината ненавикната на облеката на лагата излегла и почнала да шета, така гола. Луѓето биле вџашено зачудени од глетката кога ја виделе вистината гола и почнале да ги вртат своите глави од неа не можејќи да го прифатат нејзиниот изглед. Од тогаш останала старата изрека: подобро убава лага отколку гола вистина!
Овој пат, изгледа дека е вистина тоа што Заев се мачи од петни жили да донесе каква-таква, благосостојба во државава, но, сега сите сме критички расположени и глумиме дневно политички аналитичари и „длабоко сме убедени дека и ова е некаква нова политичка измама“ (во време на груевизмот не смеевме да прднеме во јавност). Но, проблемот е што не му дозволуваме на сегашниот премиер да се докаже, можеби човекот си има уште добри карти во ракавот. Сѐ е можно.
Од друга, пак, страна, јаднициве што живи измрзнаа пред парламентот, небаре биле на специјална обука во Сибир, како да ги преживеат температуриве на -10, упорно бараат Македонија да биде сочувана токму од она што тие единаесет години го правеа кога ја силуваа и пљачкаа државната каса. Како е можно сѐ уште да живеат и функционираат во својата заблуда така агресивно и нападно? Нели им е јасно дека облеката што ја носат е проѕирна и телото на лагата јасно се оцртува под неа? Тие заговараат демохристијанска опција, но не разбираат дека токму тие се грешниците што како стара карпа го спречуваат текот на водата која на сите нас ни носи живот.
Тие се браната која не дозволува водата да ги залее и освежи нашите срца, а постојано викаат: жедни сме, жедни сме! Тие се жалат дека немаат милост кон нив тие што им даваат амнестија! Го обвинуваат за неправда оној што им прави добро!
Ако Црквата ја сметаат за духовен храм на својот идентитет, зошто не се запрашаат себеси каде води среброљубието и самозаљубеноста ако не во лична, а посебно во пропаст на неистомисленикот т.е. народот што само се мачи да преживее и ништо друго! Со кој религиски дурбин гледаат кон моралот и етиката, ако се повикуваат на нормите на демохристијанството? Зарем за Бадник не слушнаа ништо корисно што ќе ги продухови и ќе ги потсети дека сите смртници се еднакви!?
Сега е фер да кажам збор-два и за челништвото на ИВЗ, за да бидам реален и праведен, нели? Ама на тоа ќе почекаме уште некои илјада години бидејќи, како се чини, поглаварот ни го киднапирале Марсовци и најверојатно го заледиле во некој нивен експеримент бидејќи од човекот, ниту трага, ниту глас! Башка албанските партии немаат ни трошка верска позадина, освен кога тоа им е потребно, нели? Е тогаш, поглаварот ни е повеќе од жив!