Собранието донесе историска одлука со која Македонија избра иднина наместо изолација. Патот кон НАТО и ЕУ е чист, а за тоа најголема заслуга имаат граѓаните, но и 80те пратеници во Собранието на Република Македонија кои низ демократска постапка им кажаа стоп на поделбите и ја поведоа Македонија кон национално обединување – соопшти Центар за комуникации со јавноста на СДСМ ден по гласањето за почеток на процесот за уставни измени.
„Мицкоски, Груевски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ синоќа уште еднаш потврдија дека се антизападни и антимакедонски партиски фигури кои на Македонија и носат само зло, криминал и сиромаштија. Граѓаните и огромното мнозинство во парламентот му свртеа грб на злото предводено од Мицкоски. Македонија одбра да продолжи по патот на интеграција и сојузништво. 80 пратеници слободно и по сопствено убедување гласаа за иднина во ЕУ и НАТО.
Поразениот Мицкоски сега ќе мора да престане со притисоците и сеењето страв и ќе мора да ги тргне своите режимски раце од сите пратеници во Собранието. Сега се создадени услови за уште поголема поддршка во Собранието за патот кој Македонија го избра, а тоа е спроведување на договорот од Преспа и зачленување на Македонија во НАТО и ЕУ. Овој пат заслужува поддршка од сите пратеници во Собранието зашто подразбира економски просперитет, држава по европски правила и национално помирување помеѓу политичките фактори и помеѓу граѓаните.
Надлежните институции имаат обврска да ги заштитат пратениците од сите закани и притисоци кои ги прават Мицкоски и антизападното раководство на ВМРО-ДПМНЕ. Граѓаните го препознаат и поздравуваат овој историскиот чекор на 80те пратеници што обезбедува помирување и национално обединување околу врвните државни интереси. Македонија се помирува, Македонија се обединува надпартиски и надетнички, 80 херои ја презедоа одговорноста за овој неповратен историски исчекор за иднината на земјата, време е сите да се приклучат.“ – се вели во соопштението.
Дека патот кон помирувањето ќе биде долг и тежок, сведочи и краткото соопштението што Центарот за комуникации на ВМРО-ДПМНЕ речиси истовремено го објави:
„Тоа што се случи вчера вечер во Собранието на Република Македонија беше срам каков што светот не видел. Зоран Заев и криминалниот картел на власт покажаа дека за нив ништо не значат демократските вредности и волјата на народот и дека оваа гарнитура на власт се архетип на корупција, уцени и закани.
Вчера беа погребани европските вредности во Македонија. Во страв да се соочи со почитување на волјата на народот СДСМ очајно посегнаа кон силување на институциите, државата и граѓаните, сведувајќи го Собранието на обичен пазар во кој достоинството на Македонија, нејзиниот идентитет и дигнитет го ставија на тезга како пиперки и домати. Заев докажа пред целата јавност дека нема никаков демократски капацитет и за тоа ќе биде казнет од сопствениот народ. Македонскиот народ секогаш низ историјата знаел како соодветно да ги казни ваквите ситни трговци и лихвари кои за грст пари ја газеле неговата волја и да ги фрли на буништето на својата национална историја. Македонија ќе победи, затоа што секогаш победува правдата и вистината.“
Додека светот ја поздравува македонската одлука во парламентот, граѓанките и граѓаните на Македонија се впуштија во онлајн лов на предавници или во воспевање на „хероите“ што му свртеа грб на рускиот играч Мицкоски.
Државниот министер за Европа во германското Министерство за надворешни работи Михаел Рот на Твитер напиша: „Прекрасни вести. Државништво пред партиски игри! Македонскиот Парламент со две третини гласаше за Преспанскиот договор. Огромен чекор напред кон ЕУ и НАТО. Честитки до Зоран Заев, Никола Димитров, Бујар Османи и сите македонски пријатели“.
Австрискиот канцелар Себастијан Курц објави соопштение во кое силно ја поддржа оваа одлука на две третини од македонските парламентарци: „Тоа дава силен ветар в грб на напорите за почеток на пристапни преговори на ЕУ со Северна Македонија следната година“. Како што објави МИА, Курц истакна дека приближувањето на земјите од Западен Балкан кон ЕУ е важен приоритет на австриското претседателство и дададе дека дури откако тие земји ќе бидат членки на ЕУ, Унијата ќе биде целосна.
И европратеникот Едвард Кукан го кажа своето мислење на Твитер: „Тоа е почеток на процес, но претставува многу значаен чекор напред. Би сакал да им честитам на оние кои го поддржаа Преспанскиот договор, кои покажаа лидерство и гласаа за европска иднина на нивната земја“.
„Јас сум најсреќниот министер во оставка“, изјави грчкиот министер за надворешни работи во оставка, Никос Коѕијас, пред средбата со премиерот Алексис Ципрас кој ќе ја преземе и должноста Министер за надворешни работи на Грција до изборите што ќе се одржат идната година.
„Честитки за македонскиот Парламент за гласањето за иницирање уставни измени, согласно Преспанскиот договор. Пратениците од сите партии покажаа храброст и лидерство со тоа што се здружија за да помогнат да се обезбеди место на Македонија на Западот, во НАТО и во ЕУ “, напиша американскиот амбасадор Џес Бејли на Фејсбук.
Известувачот за Македонија во Европскиот Парламент, Иво Вајгл, го поздрави единството на македонското Собрание кое го отвора патот кон ЕУ и НАТО. Тој напиша дека патот до одлуката на членовите на Собранието била „драматична“ и „тесна“, но дека со неа пратениците ги „заштитија виталните интересите на граѓаните на Македонија“. „Посебно признание оди за претставниците од опозицијата кои преземаа одговорност и кои, покрај притисоците и заканите на нивната партија, ја поддржаа европската и евроатлантската иднина на својата држава“ – пишува Вајгл.
Гласањето во Собранието, ЦИВИЛ го дочека подготвено. Една минута по гласањето, организацијата преку соопштение го поздрави успехот во парламентот и повика на разум и мудрост во периодот што ѝ претстои на Македонија. „Во овој миг, најважно е да надвладее разумот над емоциите. Да ја разбереме историската важност на процесот и перспективите што конечно се отвораат по оваа одлука на Собранието. Да ѝ дадеме простор на оваа одлука да се преточи во реалност и да го изодиме патот без непотребен шум, без колебања и ситничарење, без ступидни изливи на бесмислен национализам.“
„Време е за мир и прогрес! Време е да зачекориме кон иднината. Да прославиме еднаш без задршка и лоши мисли, без страв, обвинувања и “длабоки” анализи кој, кому и како… Само да наздравиме. Со широка насмевка. За иднината!“ – се вели во соопштението на ЦИВИЛ објавено една минута по гласањето во Собранието на 19 октомври.
М. Л.