Иницијативата за заштита и унапредување на правата на трансродовите лица, во рамките на кампањата за одбележување на 31-ви март, Меѓународен ден за видливоста на трансродовите лица организира Марш за видливост кој ќе се одржи денеска со почеток 12 часот, пред Министерство за правда.
„ТрансФормА и трансродовите лица се приклучува кон глобалната акција за солидарност кон трансродовата заедница со цел да се намали насилството и дискриминацијата со кои секојдневно се соочува оваа маргинализирана група. Со пораката: “МАРШ НА ВИДЛИВОСТ!“ ги охрабруваме институциите и стручната јавност да го отворат прашањето за регулација на правата на трансродовите лица. Ова пред сè се однесува на правото на идентитет, кој треба да биде соодветно изразен во нашата лична документација. Се однесува на правото на телесен интегритет, односно да не сме присилени на какви било медицински интервенции против наша волја. Се однесува на нашето право да бидеме рамноправни граѓани на оваа држава кон која придонесуваме со нашата образованост, работа и труд, како и другите граѓани. Заслужуваме безбедност, рамноправност и почит кон нашиот идентитет како и сите други граѓани!“, се вели во соопштението на организациите.
Меѓународен ден на видливост на трансродовите е годишен настан кој се случува на 31 март, ден на кој се слават трансродовите луѓе и е посветен на подигање на свеста за дискриминацијата со која се соочуваат трансродовите лица ширум светот, а прв пат е одбележан на 31 март 2009 година.
ЦИВИЛ – Центар за слобода го поддржува Маршот за видливост на трансродовите лица, осудува секаков говор на омраза кон ЛГБТИ+ заедницата и потсетува дека според член 7 од Универзалната декларација за човекови права сите се еднакви пред законот и имаат право на еднаква заштита.