На прашањето на ЦИВИЛ Медиа – дали во државата постои национализам, еден граѓанин вели дека не се разбира во политички прашања, додавајќи дека порано постоеше национализам, а сега некако тој национализам е во некоја затскриена форма и смета дека треба да има некакво вистинско помирување за граѓаните да живеат како што треба.
„Национализам постои и тоа најчесто на политичка база, односно политичарите го користат тој национализам за своите лични интереси“, додава друг граѓанин.
„Во Македонија нема национализам. Ние сме Турци кои се отселивме од Скопје и сега живееме во Истамбул, меѓутоа тука порано многу убаво си живеевме со сите без разлика на етничката припадност. Било мирно и иншалах секогаш да е вака мирно, како велат ‘ако не буцкаш нема да те буцкаат’“, велат едни граѓани кои дошле од Турција да го посетат нивното родно место.
На прашањето дали државата доволно се грижи за екологијата, еден граѓанин вели дека институциите воопшто не се грижат за одржување на животната средина. Како пример ја наведе реката Вардар дека е најзагадената река во цела Европа.
„Државата само површински и декларативно се грижи за екологијата и остава впечаток дека нешто работат. Треба да се влезе во суштината на проблемот, односно во фирмите кои се вистинските извори на загадување“, истакна еден граѓанин.
Една граѓанка вели дека нема доволно еколошка свест кај граѓаните: „Државата се грижи, меѓутоа ние граѓаните не се грижиме за екологијата“.
Анкета е дел проектот „Зелена иднина“, кој ЦИВИЛ – Центар за слобода го спроведува во соработка со Фондацијата Хајнрих Бел од Сараево. Целта на овој проект е да ја подобри јавната перцепција и знаењето за концептот на општество кое ги негува зелените вредности, социјалната правда и антинационализмот.
Дехран Муратов
Камера: Ангела Петровска
Монтажа: Ариан Мехмети
Фотографија: Марија Вишинова