Сиромаштијата од ден на ден се зголемува, секој петти човек во државата не знае дали ќе има нешто за јадење, покажуваат најновите податоци на Државниот завод за статистика за 2016 година. Локалните избори завршија, еуфоријата и славјето набрзо ќе поминат, и би требало надлежните институции и одговорни лица да се зафатат со работа и на сиромашните граѓанки и граѓани да им обезбедат подобри услови за живот.
ЦИВИЛ – Центар за слобода во изминатиот период во повеќе општини низ државата се среќаваше со граѓанките и граѓаните, сними повеќе анкети и разговори како со граѓаните, така и со неколку активистите и невладини организации кои се бават со социјалната правда. Заклучокот од теренската работа е дека граѓан(к)ите едвај преживуваат или се заглавени во долгови.
Граѓаните најлесно се манипулираат и лажат за време на изборна кампања. По завршување на изборите тие се жалат дека за нив никој не се интересира. Таков е случајот со едно семејство од Пробиштип кое пред камерата на ЦИВИЛ сведочеше дека едвај преживуваат и дека политичарите се сеќаваат на нив само кога им требаат гласови.
На почетокот на оваа година, камерата на ЦИВИЛ успеа да забележи како властите плаќаат за чистењето на спомениците од проектот „Скопје 2014“, додека низ центарот на градот лежат деца на мраз и картони, кои питачат за да ја преживеат зимата. Дали новата актуелна власт предводена од СДСМ ќе дозволи да се повтори сликата од претходните години, кога беа ВМРО-ДПМНЕ на власт?
Граѓан(к)ите врз својот грб сѐ посилно ја чувствуваат сиромаштијата. Во Македонија сиромаштијата не познава ниту јазик, ниту нација, ниту вера!
За време на изборна кампања сите политички претставници ветуваа(т) подобар живот за сите граѓан(к)и. Останува времето да покаже дали навистина некој ќе се посвети на решавање на проблемите на сиромашните, или, сепак, ќе остане уште едно изборно ветување?!
Дехран Муратов и Ангела Петровска