За безбедноста на здравствените работници и пациентите во ургентните центри ќе се грижат полицајци или војници. Министерот за здравство Венко Филипче најави дека за неколку дена ќе се знае дали пред влезот на КАРИЛ, Ургентен центар, Детската Клиника, Клиниките за хематологија и Токсикологија ќе стојат припадници од одбраната или пак од МВР.
Покрај помошта која министерот Филипче ја побарал од министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, разговарал и со министерката за одбрана, Радмила Шеќеринска.
„По нападот врз медицинската сестра од КАРИЛ минатата недела и пукањето со огнено оружје врз хирургот од дигестивна пред три години, според здравствените власти сегашното обезбедување е недоволно да ги заштити медицинските лица пациентите на скопските клиники“, изјави Филипче.
Тој сака да најдат лица кои се плаќаат од буџетот, бидејќи проценките им покажале дека ангажирањето на агенција за обезбедување ќе ги чини прескапо. Алармот го вклучи насилството врз сестрата од КАРИЛ, која била нападната од член на семејство на починат пациент.
„Ние секогаш сме први на удар, а кај нас доаѓаат најтешко болните“, изјави Маја Мојсова, раководител на КАРИЛ
Освен за скопските клиники, здравствените власти планираат 24 часовно обезбедување и за болници кои примаат итни и ургентни пациенти.
К. С.