„Ако тие не користат насилство, ние не користиме сила“, ова е одговорот на висок полициски функционер од Хонг Конг на обвинувањата од демонстраните дека властите користат прекумерна сила за да ги смират демонстрациите.
Наводите за полициска бруталност ги поттикнаа се посилните протести на улиците на оваа поранешна британска колонија, поради што полициските службеници користат солзавец речиси секој ден.
Протестите започнаа во јуни поради забраната за екстрадиција, но потоа барањата се проширија во насока на барање за целосна демократија.
По повеќе од два месеци од почетокот на најголемите и најжестоките немири што овој град ги видел во поновата историја, полицијата покани група новинари на брифинг во највисокиот полициски штаб во округот Ван Чај во Хонг Конг.
Полицијата ја брани употребата на сила како одговор на она што го карактеризираат како насилно и криминално однесување и ги отфрла повиците за независна истрага за нивно постапување со ситуацијата, посочувајќи на постојната организација Независен совет за жалби на полицијата, чија задача е токму тоа.
Иако полицијата признава дека полициските сили се емоционално и физички уморни по неколкумесечно соочување, но сепак инсистира на тоа дека градските полициски сили, во кои има околу 30.000 полицајци во униформа, ја држат ситуацијата под контрола.
Оваа порака е спротивна на изјавата на лидерката на Хонг Конг, Кери Лам, која пред новинарите изјави дека Хонг Конг не е безбеден и стабилен. „Немирите го доведоа Хонг Конг до точка од која нема враќање“, изјави таа откако демонстрантите успеаја да го принудат откажувањето на стотиците летови од Меѓународниот аеродром во Хонг Конг два дена по ред.
И централната власт во Кина, исто така се повеќе алармира за состојбата во полу-автономниот град.
Во средата, дописникот на Си-Ен-Ен, Мет Риверс, видел носачи на војници, оклопни носачи и униформирани полицајци на Народната вооружена полиција опремена со штит за немири, изведена на стадион во јужниот кинески град Шенжен, во близина на внатрешната граница со Хонг Конг. Тој вели дека парамилитарната единица брои 1,5 милиони членови, а неколку десетици од нив веќе се распоредуваат во Хонг Конг.
Кинескиот амбасадор во Велика Британија предупреди во четвртокот дека доколку ситуацијата во Хонг Конг се влоши дополнително, „имаме доволно решенија и доволно моќ во границите на Основниот закон за брзо да ги гаснеме сите немири“.