Светот безгласно го одбележа терористичкиот напад на голобрадиот русокос терорист, во две џамии во Нов Зеланд, каде што пред една недела уби педесетина муслимани сред молитва. Да, терорист може да биде и човек што нема брада, не е муслиман, има руса коса, или е без коса… Видовме дека неговата автоматска пушка беше испишана со со имиња на радикали, националисти и фашисти кои вршеле терор и масакар врз сè она што е различно од нив.
Дел од светските лидери испратија веќе напишани и само копи-пејст соопштенија со сочувство и поддршка, со тоа што го сменија само името на државата во која се случи настанот. Но, овој пат без хаштагот #JeSuis…
Но, деновиве жителите на Нов Зеланд воведуваат нови „стандарди“ и ги напуштаат форматите со лицемерни поддршки и солидарност што секогаш остануваат само на хартија. Буквално сите, од ученици до моторџии, застанаа против национализмот и омразата.
Ја гледам премиерката на Нов Зеланд како се бори против националистите и си велам – А зошто не нè посвоите?
За нашето општество е загрижувачки тоа што типот кој извршил масакар, во судница го направи знакот на „белата моќ“, или кај нас попознат како знакот на „тврдокорните“!
Иако тој знак кај нас означува Вардарска, Пиринска и Егејска Македонија, сепак, има и друга порака.
Деновиве повторно се актуелизираше темата со изградбата на минарето на Али-пашината џамија во Охрид. Секако пред избори, за да добие поголемо внимание, (и)ли за политички договори.
Загрижувачки е тоа што поголемиот дел од жителите на „балканскиот Ерусалим“ се борат со сите сили да не се изгради минарето на Али-пашината џамија, чиниш се плашат како да се гради нуклеарна ракета, а не верско обележје!
Прашањето е – на кого му пречи едно минаре? На кого му пречи различноста? Кому калашот полн со омраза му е „оправдано средство“?
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.