Илјадници демонстранти ги наполнија улиците низ Полска за да протестираат против обидот на владејачката партија Право и правда (Prawo i Sprawiedliwość) да донесе комплетна забрана на абортусот пред две години. #CzarnyProtest (Црн протест) и #StrajkKobiet (Штрајк на жените) станаа со повик за поддршка на репродуктивните слободи на жените на протести за кои дозна целиот свет. Кога парламентот ја отфрли забраната на 6 Октомври, тоа се почувствува како триумф на борците за правата на жените и протестите.
Повеќе од две години подоцна, активисти и организации за правата на жената и понатаму се на удар во Полска. По доаѓањето на власт во 2015 година, владата на Право и правда таргетирала групи за правата на жената преку рации и повлекување на финансирањето, често и без предупредување и без јасно образложение. Лидерите на Право и правда, политичари и групи поддржани од црквата, јавно ги оцрнуваат организациите за права на жените со етикетирање дека нивната работа е опасна за семејството и традиционалните вредности. Владините агенции ги изведуваат вработените што ги поддржуваат протестите за права на жените на дисциплински сослушувања и им се закануваат со отказ. Право и правда влијае врз државните службеници да поддржуваат назадни закони и политики, за зајакнување на традиционалните родови улоги, го обесценуваат феминизмот и јавно ги обесхрабруваат напорите за борба против насилство врз жените.
Полските жени долго време се соочуваат со мошне рестриктивни закони за абортус, ограничен пристап до информации и грижа за сексуално и репродуктивно здравје, со несоодветни услуги и поддршка при насилство како и со одржувањето на традиционалните и пропишани родови улоги. Полските граѓански активист(к)и сведочеа за Хјуман рајтс воч дека ситуацијата значително има регресирано за време на владеењето на Право и правда.
Владата и Католичката црква во Полска отворени и директно ги цензурираат на концептите „род“ и „родово“ и ги етикетираат промовирањето на еднаквоста како „родова идеологија“ која ја демонизираат како промотор на хиперсексуалноста, хомосексуалноста, феминизмот, трансексуалноста и како напад на традиционалните идеи за брак и семејство – сѐ на едно место. Анти-родовата реторика има две цели: ги обединува луѓето околу концепт на „традиционалните вредности“ наспроти божемната надворешна закана и ги демонизира активист(к)ите за правата на жените и поединци кои не се во согласност со сексуалните и родовите норми. Во владата на Право и правда, анти-родовото движење добива на сила, со десничарски активисти и конзервативни политичари кои ги поддржуваат мерките за потиснување на репродуктивните права, ги поткопуваат иницијативите за справување со насилство врз жените, го попречуваат образованието за сексуално и репродуктивно здравје и ги негираат правата на жените и на активист(к)ите за правата на лезбејки, геј, бисексуалци и транссексуалци. Во јавните настапи и во медиумите, владините лидери, политичари и „анти-родови“ активисти пропагираат екстремизам и шират дезинформации кои ги оцрнуваат групите за правата на жените дека го загрозуваат „моралот“.
Ваквата реторика создава јавна недоверба и охрабрува десничарски напади врз активист(к)и и организации за правата на жените. Отворениот презир на владата кон правата на жените и кампањите за дезинформирање на јавноста поттикнува клима на страв за жените бранителки на човековите права. Активист(к)ите во своите извештаи наведуваат дека тоа, исто така, ги одвраќа жените и девојчињата од барање помош, вклучувајќи ги и оние кои преживеале насилство. Образованието и информациите за сексуално и репродуктивно здравје и специјализираните служби за жени и девојчиња кои преживеале насилство и понатаму се крајно несоодветни во Полска и далеку под меѓународните и регионалните стандарди.
Полските власти треба да ги поддржат, а не да ги напаѓаат правата на жените и бранител(к)ите на правата на жените. Отсуството на активности на полската влада да ги заштити и брани организациите и активист(к)ите за правата на жените, да обезбеди или поддржи соодветни услуги за оние кои преживеале насилство, како и да обезбеди пристап до сексуално и репродуктивно здравје и права, вклучувајќи и сексуална едукација, ги крши меѓународните и регионалните обврски на Полска за почитување на човековите права и слободи.
Од англиски преведе: Наташа Цветковска