ЦИВИЛ Медиа дојде до неколку нови, помалку познати информации за Татјана Лазаровска, која на својот Фејсбук профил искажа восхит од напаѓачот што усмрти околу 50 луѓе во терористичкиот напад во Нов Зеланд.
Јавноста е информирана дека се работи за вработена во АРМ, а од колумната на Дерала се дознава дека е во артилериска единица. Дознаваме дека Лазаровска е професионално ангажирана во минофрлачката единица на АРМ во Кичево, инаку самата е родум од Битола.
Лазаровска и порано била укорувана од старешините поради своето однесување и испади на социјалните мрежи. Пред овој најнов Фејсбук „инцидент“, таа во повеќе наврати била забележана дека постира говор на омраза кон отец Пимен и за албанската етничка заедница.
ЦИВИЛ денеска објави соопштение во кое остро ја осуди ваквата постапка на една припадничка на АРМ, но побара и Владата и надлежните институции да преземат итни, неодложни чекори да воведат строги критериуми за оценување на луѓето што работат во нив и веднаш да ги санкционираат сите свои службеници и функционери доколку тие се служат со говорот на омразата и поттикнуваат радикализам, насилен екстремизам или на било кој начин придонесуваат кон возвишување на насилства, злосторства и тероризам.
Во врска со реакциите во јавноста, како и за изјавата од Генералштабот на АРМ, претседателот на ЦИВИЛ, Џабир Дерала, изјави: „Една изјавичка од непосредно претпоставените нема да ја поправи штетата што се нанесува со крајно неодговорното и несовесното однесување на вработените во администрацијата и во институциите. Особено затоа што се работи за Армија на Република Северна Македонија, ова треба да биде многу, ама многу посериозно сфатено од Владата и од ресорното министерство. И, секако, имајте предвид дека ова ниту е прв, ниту единствен случај. Владата мора да прејде од декларации на конкретни чекори да ја извлече земјата од канџите на омразата.“
А. П.