Почитувани мои!
Си била една снаа. Имала десет золви е пет девери. Страшно! Арно ама, и покрај толкавата бројност на „непријателите“ и таа била итра и не се давала лесно, но сепак, најболната точка на нејзиниот маж и на целото негово семејство бил стариот татко т.е. нејзиниот свекор. И за баксуз, тој бил најтежок од сите. Постојано ѝ приговарал, ѝ мудрувал, ја карал, ја критикувал, а таа не смеела да му зуцне, иначе, шамар по уста! Планирала да му се освети, но, не знаела како. Била стрплива и си ја дочекала приликата. Им испаднала ујдурма околу наследството, а татко им нон-стоп за тоа им зборел, но, токму за тоа не сакале да го послушаат бидејќи секој си го барал својот дел. Кога фатиле да се караат, молњи и громови светкале на сите страни, но тогаш снаата одлучила да ја „смири“ ситуацијата. Кога почнала да збори сите занемеле. Им кажала: „Тато е во право за се што ви збори! Кога тој ЈАДЕШЕ ГОМНА никој од вас не го слушаше!“ Ех мори снао, мудрице!
Е сега, малку за нашето мудрување во Северна Македонија.
Ако мислевте дека историјата е нешто во кое немаме никакво место, ние сегашните, дебело се мамите! Конечно го доживеавме и тоа откровение. Замисли само, молим те, поп и оџа се движат во ист ред, се бунат, демонстрираат, го креваат гласот против порокот во општеството. Сензационално! Слика каква што само може да се посака за некој одличен документарец. Мајкл Мур аматеру, нека ти пукне душата, што би реко’ Варошлија, таков материјал има само кај нас у Недојдија!
Замислите си само, можеби еден ден, кога Руанда, евентуално Северна Кореја, ќе аплицираат за влез во ЕУ, комесарот на унијата ќе ги води нивните делегации во посебно уредени кино сали во Тетово каде што ќе им го прикажува документарецот за успешната прикаска за Македонија во која главна улога имаат нашите „освестени“ духовни лидери!
Па тоа чекавме да го видиме, а не нон-стоп да страдаме од идиотска оптеретеност и никако да го воспоставиме потребниот контакт. Иако е ова ретко видена ситуација кај нас, сепак вреди да се поздрави. Но јас, не замерајте, секогаш сум по малку песимистички расположен и на нештата гледам со резерва. Снимката на која тетовскиот муфтија се ракува со поп или владика (не замерајте ми, стварно не знам) од Црквата изгледаше одлично, ама, морам да забележам, не беше баш најсрдечна, ко’ да не беа баш расположени еден кон друг!? Ма не, све је у реду, другари!
Таквата реакција е само резултат на некомуникацијата и лажната толеранција и кокодакањето за дијалог кое им го наметнаа челниците на двете верски заедници. Затоа, верските службеници така несмасно се снаоѓаат кога ќе се најдат еден спроти друг. Поради тоа, нон-стоп повторуваме дека е потребна многу поголема ангажираност и заеднички отворени критички трибини за народот да се зближи, а не да се користи како топовско месо во, не дај Боже, можни крстоносни походи и муџахедински џихади, кога тоа на гладниот и незаситен политичар му одговара. Или ајде, ко’ по обичај, за да се сврти вниманието, удри по тоа “педерите“ и “лезбејките“ или бркај народ у манастири! Овој па, нашиов шеф од ИВЗ, уопште и не се огласува, баш го боли “таквото“.
Сепак, го поздравувам овој протестен марш со сите учесници во него и ги охрабрувам така да продолжат. Замислете само, кога на нашите улици заедно, во пријателски дијалог, би чекореле поп и оџа! Мислам дека дури тогаш нема да се делиме на „каури“ и „шиптари“ и останати, секако. Научна фантастика.
Ех, да не ја заборавиме снаата мудрица, ќе се повикам на нејзината генијалност: А ЈАС КОГА ЈАДАМ ГОМНА раководствата на МПЦ и ИВЗ да бидат поажурни, не ме слушате!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО ВО ЦЕЛОСТ, освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.