Пораки со изрази на најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово пристигаат од сите страни.
Во име на 47 земји членки на Советот на Европа, генералната секретарка на Советот на Европа Марија Пејчиновиќ Буриќ, изрази сочувство до Северна Македонија за настраданите во пожарот во модуларната КОВИД болница во Тетово.
– Во име на 47 земји членки на Советот на Европа, генералната секретарка Марија Пејчиновиќ Буриќ изразува сочувство до Северна Македонија за смртоносниот пожар во модуларната КОВИД болница: „Многу сум тажна. Моите мисли одат кон луѓето во Северна Македонија и сите оние кои ги загубија своите најблиски“, се вели во твитот објавен од портпарлот на Советот на Европа Даниел Холтген.
Амбасадорката на САД Кејт Брнз изрази сочувство за настраданите во синоќешниот пожар во модуларната Ковид болница во Тетово.
– Тажни сме поради ужасните настани синоќа во Ковид болницата во Тетово. Мое сочувство до семејствата на оние што го загубија животот, како и до повредените. Моите мисли се со вас и со сите во Тетово погодени од оваа трагедија, напиша амбасадорката Брнз на Твитер.
Албанскиот премиер Еди Рама изрази длабоко сочувство до семејствата на жртвите од пожарот во модуларната болница во Тетово, а на повредените им посака побрзо закрепнување.
И министерката за надворешни работи, Олта Џачка, напиша дека е „длабоко тажна поради трагедијата во Ковидболницата во Тетово“.
Сочувство до семејствата на жртвите од пожарот и побрзо закрепнување на повредените посака и лидерот на опозициската Демократска партија, Љуљзим Баша.
Во врска со овој трагичен настан прв, пред полноќ реагираше шефот на државата, Илир Мета, наведувајќи дека со длабока загриженост и тага ја следи трагедијата што се случи во тетовската болница.
Во име на Владата на Република Србија и во мое лично име, упатувам најискрено сочувство до семејствата на жртвите и граѓаните на Северна Македонија, напиша српската премиерка Ана Брнабиќ на својот Твитер профил, јави дописникот на МИА од Белград.
Српскиот претседател Александар Вучиќ , преку својот Твитер профил и во телефонски разговор со премиерот Зоран Заев, изрази сочуство и понуди „секаква братска помош“ до семејствата на жртвите во Тетово и на граѓаните на Северна Македонија.
Претседателот на Република Словенија, Борут Пахор. во телефонски разговорот со претседателот Стево Пендаровски, во свое лично име и во име на граѓаните на Република Словенија изрази најдлабоко сочувство до семејствата и блиските на загинатите во синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово и посака побрзо опоравување на повредените.
Во разговорот, како што соопшти кабинетот на Пендаровски, претседателот Пахор изразил солидарност и истакнал дека Република Словенија е подготвена да понуди секаква помош доколку е потребна.
Министерството за надворешни работи на Република Турција изразува сочувство до семејствата на починатите и им посакува поскоро закрепнување на повредените во пожарот во болницата во Тетово.
И министерот за надворешни работи на Бугарија Светлан Стоев во пораката на Твитер до својот македонски колега Бујар Османи изрази сочувство за синоќешната трагедија во модуларната болница во Тетово, јави дописникот на МИА од Софија.
Сочувство до семејствата на загинатите и солидарност до народот и владата на Северна Македонија по синоќешниот пожар во модуларната болница во Тетово, изразија, преку „Твитер“ од Министерството за надворешни работи на Грција, јави дописничката на МИА од Атина.
Амбасадорката на Сојузна Република Германија во Северна Македонија, Анке Холштајн, преку својот официјален налог на социјалната мрежа Твитер,испрати порака со сочувство за трагедија што настана синоќа во модуларната болница во Тетово.
„Длабоко сочувство до семејствата и пријателите на жртвите од пожарот во Тетово. Каква трагедија. Жалиме за загубите’’. се вели во пораката со сочувство на германската амбасадорка Холштајн.












