Поранешниот министер за правда и партиски функционер од редовите на Алијанса за Албанците, Кренар Лога, денеска соопшти дека по подолг период на анализа се повлекува од партискиот живот и од сите функции во партијата.
Лога одлуката ја објави преку својот официјален профил на Фејсбук, посочувајќи дека изминатата деценија ја поминал во политичка работа со целосна посветеност и ангажман.
– Ова не е лесна одлука за мене, затоа што во текот на целиот овој пат ја вложив својата енергија, срце и душа, па дури и повеќе од тоа. Имав чест да запознаам верни и неуморни соработници, како и такви што не го издржаа долгиот и предизвикувачки пат. Во изминатите десет години имав можност да запознаам посветени луѓе, искрени пријатели и оддадени соработници. Заедно поминавме низ битки што оставија трага во нас, исто како што и ние оставивме трага во тие битки, вели Лога.
Во објавата тој упатува благодарност до членовите и активистите на Алијанса за Албанците, како и до гласачите на Европскиот фронт и Националната алијанса за интеграција.
– Во овој период имав чест да ја извршувам функцијата генерален секретар, а подоцна и потпретседател на партијата. Ова беше можно единствено благодарение на поддршката од членовите и активистите на Алијансата за Албанците, на кои им упатувам искрена благодарност. Не ги заборавам ниту гласачите на Европскиот фронт и на Националната Алијанса за Интеграција, кои ја покажаа довербата во нашето дејствување, стои во објавата.












