Categories

ОДЛУКА Поранешниот министер за правда Салији избран за заменик-директор во МЕПСО

Поранешниот министер за правда Билен Салији е назначен за заменик-генерален директор во „МЕПСО“ и за член на Управниот одбор на компанијата. 

Од МЕПСО попладнево соопштија дека Надзорниот одбор на компанијата го назначил Салији на овие функции.

Портпаролот на Владата Муамет Хоџа денеска на редовната прес-конференција, одговарајќи на новинарско прашање во врска со назначувањето на Салији, рече дека на вчерашната владина седница немало таква одлука.

– Во јавноста имаше информации за именување на Салији за заменик-директор во МЕПСО. На вчерашната владина седница немаше таква одлука, рече Хоџа.

Салији беше министер за правда од јуни 2017 година до март годинава. Во периодот од 2011 до 2017 година бил директор на Државниот инспекторат за шумарство и ловство. Има положено правосуден и нотарски испит. Од 2009 до 2011 бил директор во ЈКП „Врапчиште“, а од 2005 до 2009 година бил советник за односи со јавноста во Општина Врапчиште. (МИА)

Print Friendly, PDF & Email