Пишува: Емилија Попоска
Како да си ги објасниме мотивите на Бугарија за нивното вето? Како да ги разбереме со зрелост и сталоженост константните коментари и напаѓања од страна на челните лица на Бугарската политика дури и во најтешките моменти на пандемијата во која на сите ни е потребна помош и солидарност?
Имено, во политиката како и во животот, кога сме емотивно поврзани со одредено сеќавање, верување или информација, прво ја губиме способноста за објективно расудување кога чувствуваме дека тие се нападнати. Втората реакција која следи е да се поставиме во дефанзивна позиција, и да се спремиме да го возвратиме ударот. Некој преку коментари на социјалните мрежи, некој преку протестирање, некој преку ширење на популизам, некој преку градење споменици. Заради тоа, за нас е нужно емотивно да се дистанцираме, и изјавите да ги доживуваме како тоа што всушност се: популистичка, предизборна, празна реторика која за жал се материјализира во непромислена одлука која привремено ни штети. Единствено на тој начин, ќе и пркосиме на целта на популистичката реторика, а тоа е: да креира „ наши и ваши“, односно да посочува кој е „непријателот“ од кој тие ве штитат. За Орбан и Дуда тоа се мигрантите, за Јанша тоа се комунистите, за Захариева се Тито и Југославија, за Борисов ромската популација во Бугарија итн.
Светот кој го презентираат е црно бел, затоа што така е полесно да бидат глорифицирани, повторно избрани и полесно да ги сокријат нивните грешки и против законски активности. На пример, Борисов се најде во средиштето на корупциски скандал поткрепен со слики и телефонски разговори во текот на летото на кои одговори дека се иницирани и исценирани и водени од странски интереси (читај Русија). Секако, со популизмот, доаѓа и до нивелирање на плурализмот, односно доаѓа до една перверзна стратегија преку која не бираат средства со кои ќе ги убедат гласачите дека тие се единствените кои нив ги застапуваат. Заради тоа доаѓа до само-идентификување на нивната персона со државата, односно доколку се критикува нивното водење, всушност се критикува сопствената држава и се класифицира како не-патриотски акт.
ТИМБРО индексот на популизам бележи тренд на раст на десно-ориентираниот популизам во Европа, кој во последните дваесет години двојно се зголемил и е речиси изедначен со моменталните поддржувачи на социјалната демократија. Бугарија е една од државите каде се шири десно ориентираниот популизам. Како изгледа популизмот преку пример? Доколку го земеме примерот на Полска, бројни истражувања од нивните внатрешни експерти со години посочуваа на кревкост на демократијата, нестабилност на законите за спроведување на избори, неефективност на судскиот систем кои доведоа до разочарување на граѓаните од демократијата, уште пред земјата да стане дел од Европската Унија. Таквото незадоволство е поволно тло за популизам кој што особено започна да расте по кризата во 2008 година. Сè тоа резултираше, оваа година Полска заедно со Унгарија, да го блокира Европскиот буџет заради воведувањето на механизмот на владеење на правото, преку кој правото за придобивање средства од Европската Унија би било поврзано со успешноста на владеењето на правото (што драстично опаѓа во двете држави). Нормално, ветото на буџетот на гласачите е пренесено како „ патриотизам“, а Европската Унија е класифицирана како непријател кој го ускратува црпењето на средства заради нешто толку „тривијално“ како што е владеењето на правото.
Каде е Бугарија во оваа сложувалка? Бугарија е најлошо рангирана држава во однос на корупцијата во ЦИЕ и низ годините ситуацијата воопшто не се подобрува. Главниот проблем на кој посочува Европската Унија е недостатокот на успешни конкретни резултати во борбата со високата корупција што резултира во нефункционирање на нивните институции и ниската доверба во граѓаните на истите. Во октомври 2020 година, Европскиот парламент посочи на влошување на слободата на медиумите, владеењето на правото и демократијата во Бугарија за време на владеењето на премиерот Бојко Борисов, што не помина незабележано од илјадниците граѓани кои секојдневно протестираа од јули. Парламентот исто така посочи на злоупотреба на ЕУ фондовите, оштетување на правата на жените, Ромите, ЛГБТ заедницата и останатите малцинства во Бугарија. Со протести пред портите и меѓународни критики за водењето на државата, Борисов бара излез и брза инјекција на „патриотизам“ со кој ќе направи граѓаните да заборават на пандемијата, изгубените работни места, константните корупциски афери и скандали барем до 28ми март, кога се закажани следните парламентарни избори. Таа инјекција е ветото кон Северна Македонија и константните прозивки и провокации пред и по ветото. Анкетите посочуваат на тесна битка помеѓу ГЕРБ на Борисов и БСП на Нинова. Анкетите воедно посочуваат дека Бугарските граѓани се согласуваат со ветото, сè дури не се изнајде заедничко решение за историскиот спор со Северна Македонија. Тоа значи дека меѓу народите на двете држави постои крајна поларизација, и лидерите мораат да работаат на зближување, а не на дополнително провоцирање и подгревање на омраза. За сега трудот е едностран.
Кое е најдоброто решение за нас во моментов? Никако да не одговориме со популизам, како што беше случајот по Букурешкото вето за влез во НАТО и никако да не дозволиме да скршнеме од патот на Европските интеграции и да се фрлиме во само-изолација. Европската комисија во нејзиниот извештај за 2020 година посочи на средна спремност на државата за преземање на обврските за членство во Европската Унија, и посебно внимание мора да посвети на реформирање на администрацијата, борбата против корупцијата и натамошно реформирање на судството. Во наредната година пред сè приоритет ќе биде справувањето со пандемијата и санација на последиците кои ги остава врз економијата и и така кревкиот здравствен систем.
Што никако не смеат да си дозволат нашите политичари? Нестабилни и променливи изјави во однос на тоа за што смее, а за што не смее да се преговара како и променлива комуникација со медиумите во земјата и во светот. Изговореното „Не“, мора да биде цврсто и одлучно и основано на факти. Истото важи и за изговореното „Да“. Eвропската Унија, чии основни вредности и чија политика на ширење е држена во заложништво од страна на најкорумпираната земја членка мора да заземе активен став. Факт е дека моменталната состојба во светот на Европската Унија и наметнува други приоритети, меѓутоа клучно е преку активниот став да ја одржи нејзината улога на стабилизатор и нејзината кредибилност и релевантност при решавањето конфликти. Европската Унија мора да биде свесна дека нејзината потенцијална незаинтересираност носи опасност од демотивирање на Северна Македонија да истрае на патот кон интеграцијата. А тоа е нешто што никому не му одговара.
Авторката е докторант на Факултетот за Општествени науки на Универзитетот во Љубљана каде посебно се занимава со истражување од областа на политичката и економската глобализација.
Сите права се задржани. ЛИНК: Услови за користење, авторски права и заштита на приватноста. Текстот е личен став на Авторот.