Бугарското настојување за бришење на печатот на сопственото фашистичко минато се провлекува како константа во однос на историските „изгубени територии“ и нивното „ослободување и администрирање“, а кое, според гледиштата на бугарските политички лидери и акедемици, не би требало да се карактеризира и нарекува како класична окупација. Таквиот пристап Софија очигледно го фаворизира и денес во однос на развојот на соседските односи со Македонија, анализа на Ивица Челиковиќ „Фашизмот и историска козметика“.
Според едно „непишано“ правило, победата во главниот град Скопје се смета не само за победа на локалните, туку и на парламентарните избори. Токму затоа и политичката битка за Скопје како „круна“ на секои избори беше набљудувана и анализирана со посебен интерес на последните локални избори во 2017.
Но што научивме од минатите локални избори за градот Скопје? Првенствено, дека не може да им се верува ниту на анкетите, ниту на аналитичарите. Дали сега може да им се верува на анкетите и на аналитичарите, ако знаеме дека убедливо промашија пред минатите локални избори за Скопје?, пишува Жарко Трајаноски во анализата на изборите „Локалните избори во Скопје: Анкети, аналитичари и кампањи“
Во оваа 2021 година најмалку требаше Марко да стигне на Косово Поле со 25 години задоцнување. Ова беше годината кога требаше да се направи сериозна ревизија на оваа исклучително значајна и сеопфатна Национална стратегија која фаќа една педа прав во библиотеките на МАНУ и во канцелариите на владите и на премиерите, ама досега ниту една влада, ниедна партија, ниту еден премиер ја нема реализирано, а многу веројатно ни прочитано,пишува Ерол Ризаов во „Визијата на Црвенковски за иднината на Македонија“.
Нам оваа европска реалност, ова бриселско „шутирање под маса“ на тамошните кујни и замешателства ни е добро познато, со години наназад, уште од 1992 и Лисабонската декларација (памтите, кога ЕУ не сакаше ни да чуе за „Македонија“), па и од јуни 2003, по усвоената „Солунска агенда за Западен Балкан“ со која ЕУ ја потврди интегративната перспектива за земјите од регионот. Процесот веќе две-три децении се одвива прва-рикверц-прва, па рикверц, со сите дадени и прегазени ветувања од Брисел, често со добра „регионална“ причина, но не ретко заради бунилото на самата Унија која денеска не знае „что делает“ ни со себе, ни вон себе. Европејците се, објективно, збудаленичитајте во новата колумна на Сашо Орданоски „Европејците се, објективно, збудалени”.
ЛОКАЛНИ ИЗБОРИ:
– Изјава на Александар Филиповски, кандидат за градоначалник на СДСМ и коалицијата за општина Аеродром, во 10:00, спроти поликлиниката „Јане Сандански“
– Коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја претстави изборната кампања „Создади нова иднина!“ во повеќе населени места: паркот на штркот во Чешиново, плоштад „Ангел Винички“ во Виница, плоштад „Свети Димитрија“ во Зрновци и ГТЦ во Кочани
– Прес-конференција на независниот кандидат за градоначалник на Град Скопје, подржана од ВМРО ДПМНЕ, Данела Арсовска,во изборниот штаб на улица „Македонија“, до „Пеко“
– Прес-конференција на кандидатот за градоначалник на Ѓорче Петров, Љупчо Јаневски од Движењето „Одлучно за промени“, на која ќе се презентира дел од програмата за локалните избори.
– Кандидатката за градоначалник на Скопје, Ана Петровска и кандидатите за советници на Град Скопје од граѓанската иницијатива „Зелен хуман град“ на средба со граѓани, во Лептокарија, во општина Аеродром и виртуелна средба на ФБ во 20:30
– Изборни активности на Движењето Беса во Врапчиште
ИЗБОРЕН РАПОРТ: Ново издание на „Изборен рапорт“ на ЦИВИЛ денеска во 11:30, во живо на Фејсбук страницата и на Јутуб каналот на ЦИВИЛ, со можност за медиумите да испратат екипа и да постават прашања.
ИНТЕГРАЦИИ: Вицепремиерот задолжен за европски прашања Никола Димитров, денеска ќе има специјално обраќање на есенската сесија на Парламентарното собрание при Советот на Европа во Стразбур.
ПОПИС: Денеска е последниот 26-ти ден од Пописот на населението, домаќинствата и становите во Република Северна Македонија 2021 година. До вчера во земјава се попишани вкупно 1.760.194 лица, 546.080 домаќинства и 789.406 станови, додека можноста за самопопишување на лица во странство, досега ја искористиле – 201.247 граѓани од дијаспората.
ЗЕЛЕНИ: Градежниот институт Македонија и Макстил АД Скопје ќе го презентираат проектот „Cinderela“ за циркуларна економија и искористување на отпадот како ресурс.
ФОРУМ: Форум на граѓанското општество на Западен Балкан – Скопје, организиран од Економскиот економски и социјален комитет на кој ќе се обрати премиерот Зоран Заев., во х.„Александар Палас“, со почеток од 09:30 часот.
ПРАВДА: Почетен настан на ЕУ твининг-проектот „Поддршка во спроведувањето на модернизираната правна рамка за заштита на личните податоци“ во организација на Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Северна Македонија, Агенцијата за заштита на личните податоци на Република Хрватска и Германската фондација за меѓународна правна соработка (ИРЗ), во х. „DoubleTree by Hilton“, од 9.30
КОНФЕРЕНЦИЈА: Меѓународна младинска конференција „Европски вредности за иднината на земјите во Југоисточна Европа“ ќе дебатираат за европската иднина и трансформација на регионот, во организација на Младинскиот сојуз, во Крушево.
МОНИТОРИНГ: Денеска е последниот ден за аплицирање за краткорочни изборни набљудувачи на ЦИВИЛ. Крајниот рок за пријавување е 30 септември, до 17 часот. Од организацијата информираат дека е доволно да се аплицира само еднаш и дека сите што аплицирале, без исклучок, поединечно ќе бидат информирани дали нивната апликација е прифатена или не.
Постапката за селекција на апликациите ќе трае најдоцна до 3 октомври, а веднаш потоа ќе се одржат и семинари за обука, соодветно на ситуацијата со КОВИД-19.
Сите останати информации и линкови во врска со овој повик на ЦИВИЛ може да се најдат во текстот под наслов Во тек е повик за изборни набљудувачи на ЦИВИЛ, објавени и одговори на новите прашања од набљудувачите.
КОМУНИКАЦИЈА: Редакцијата ги повикува граѓанските организации и други заинтересирани субјекти да ги испраќаат своите соопштенија, најави за настани и активности, секој ден, најдоцна во 8 часот наутро, за да се најдат во утринскиот преглед на најави на нашата медиумска платформа. Се разбира, прилозите пристигнати по тој термин, исто така, ќе бидат земени предвид за објавување.
Дел од најавите во овој текст се од сервисот на МИА.
Д. Мишев