Денеска истекува рокот за проверка на податоците од претпополнетите годишни даночни пријави, кои граѓаните ги добија по електронски пат. До крајот на денов даночните обврзници можат да ги потврдат пријавите или да вршат корекција, доколку сметаат дека внесените податоци не се точни. По истекот на рокот, пријавите ќе добијат статус на конечни даночни пријави.
Годинава, за прв пат поднесувањето на пријавите оди електронски. Евентуални корекции за податоците се вршат на следниот начин: Со логирање во системот, со сопствениот мејл и лозинка, даночниот обврзник влегува во е-пдд и во одделот преглед можат да ја види пријавата каде се внесени податоците за пресметаниот персонален данок и платениот износ. Во случај обврзникот да не се согласува со податоците, треба да кликне „корегирам“ и кога ќе се отвори полето таму да ги внесе податоците за кои мисли дека се точни.
„Граѓаните кои имаат потреба од помош при коригирањето на претпополнетите Годишни даночни пријави можат да се обратат во контакт центарот на Управата за јавни приходи на телефонските броеви 0800 33 000 (само од фиксни оператори) и 02/3253 200 (од сите оператори).“, наведуваат од УЈП.
Годишната даночна пријава која граѓанинот ја коригигирал, а добила статус на конечна даночна пријава, ќе треба да биде одобрена од службено лице на Управата за јавни приходи. Доколку службеното лице не ја одобри пријавата ќе следи донесување на решение за утврдување на персоналниот данок на доход за 2018 година.