Секоја година во јуни месец се прославува гордоста на ЛГБТИ+ заедницата, кога гласно се потсетуваме на правото на почит, достоинство и придонесуваме за почитување на основните човекови права и спротивставување на прогонот и стигматизацијата на заедницата. Месец јуни се одбележува како „месец на гордоста“ како последица од немирите во Стоунвол во 1969 година.
Минатата година, на 29 јуни, во Скопје се одржа првата Парада на гордоста, каде неколку илјади граѓанки и граѓани маршираа низ скопските улици. Парадата започна во паркот „Жена борец“ и продолжи кон Градскиот парк.
Парадата на гордоста има цел и да се спротистави на стигмата, неприфаќањето и насилсвото со кои ЛГБТИ+ заедницата се соочува.
Оваа година поради кризата со пандемијата од КОВИД-19, Парада на гордоста нема да се одржи, но „Скопје Прајд“ се одржува он лајн, започна на 20 јуни и ќе трае до 30 јуни, а деновите се исполнети со онлајн проекции и работилници и бесплатни тестирања за ХИВ.
„Едно демократско општество не смее да си дозволи ускратување на ниту едно човеково право. Ова е важно колку и заложбата секој граѓанин на нашата земја да ја чувствува како своја и слободна. Последниве три години, оваа Влада докажа дека „Едно општество за сите“ не е празна реченица, туку сериозна заложба која придонесе за губење на бруталните напади и слободна позитивна прајд парада. И не треба да запреме, имаме уште чекори по прав пат, да ги чекориме заедно и заедно да ја штитиме и унапредуваме слободата. Љубов е љубов!“, порачаа денеска од Владата.
A. П.