Мировна акција објави повик за петнаесеттиот по ред „Тренинг за соочување со минатото и изградба на мир“, во периодот од 31.10. до 10.11. 2024 година, во хотелот „Монтана”, Крушево.
Ова е програма на неформално образование која ја нудиме еднаш годишно и се одвива континуирано уште од 2011 година. Отворен е за сите полнолетни граѓани/ки. На тренингот нудиме програма која развива компетенции за: Ненасилна комуникација, работа во тим, разбирање на конфликти, родови улоги во општеството, соочување со минатото и изградба на мир, идентитети, дискриминација, ненасилна акција и друго.
„Програмата е флексибилна, направена е да ги следи потребите, можностите и мотивацијата на учесниците/чките и се менува по потреба, но костурот на наведените теми останува. Нудиме простор за теоретска доедукација на темите, но и простор за лично преиспитување и индивидуален напредок“, велат организаторите.
Учесниците/чките на крајот на програмата ќе добијат сертификати за учеството со обработените теми и часови.
Програмата може да биде продлабочување на разни студиски области: Психологија, Социологија, Историја, Филозофија, Мировни студии, Безбедност, одбрана и мир, Родови студии, Интеркултурни студии, релевантна е за искуства во образование и сл., но во исто време е погодна и за разни профили кои се заинтересирани да се надградуваат на некои од овие теми иако немаат претходно искуство во ниедна од наведените. Не е потребно никакво предзнаење за да се пријавите.
За учество на тренингот не е потребно да си член на некое здружение на граѓани, тренингот е отворен за сите полнолетни лица.
Сите трошоци за учество на тренингот (патни трошоци, сместување и храна) ги покрива Мировна акција.
На тренингот претежно работиме на македонски јазик, но секој/а учесник или учесничка, кој/а сака да користи албански јазик, тоа ќе може да го стори. Нудиме и помош за превод по потреба, а на работилниците ги користиме и двата јазици. Сите материјали се двојазични, на македонски и албански.
Рокот за пријави е до 24. октомври 2024.