Иако беше најавувано дека на 10 август ќе бидат финализирани протоколите за почеток на учебната 2020/2021 во услови на пандемија, состанокот вчера заврши без заклучоци и со известување дека ќе продолжи денеска.
Состанокот, што денеска требаше да го продолжат Комисијата за заразни болести и работната група на Министерството образование и наука, во врска со протоколите со кои се утврдува начинот на реализација на наставата од 1 септември за сите предложени модели, е повторно одложен за утре, потврди за МИА в.д. директорот на Центарот за јавно здравје и член на комисијата, Алекасндар Стојанов.
Министерството за здравство информираше дека разговорите продолжуваат со цел да се изнајде и договори најдобро и најбезбедно решение за начинот на одвивање на наставата и дека финалната одлука за начинот на одвивање на наставата ќе ја има МОН.
– Комисијата за заразни болести ги подготви мерките за заштита и потребните протоколи што треба да се запазат за заштита на децата и наставниците во текот на наставниот процес. Сепак, финалната одлука за почеток на учебната година и начинот на одвивање на наставата е во надлежност на Министерството за образование и наука, соопшти Министерството за здравство.
Заменик-министерката за образование и наука Елизабета Наумовска за МИА вчера изјави дека се разговарало за предлозите за времетраењето на наставните часови и за потребата од измени на законите доколку тие бидат скратени од регуларните 40 во основно односно 45 минути во средно образование.
Одлуката за скратени часови, како што рече, треба да има и правна рамка и да биде усогласена со законите за основно и за средно образование. Измените треба да ги донесе Собранието кое до 1 септември се очекува да биде функционално. Исто така, се разгледува и потребата што би ја имале општините од дополнителна финансиска или друга поддршка за хигиена на училишните објекти, за превоз на ученици односно за спроведување на сите инструкции што ќе ги содржат протоколите. Тие ќе имаат детали за три вида настава во зависност од епидемилошката состојба во одредена средина – со физичко присуство, онлајн-настава и комбинирана.
Родители преку онлајн петиција, која досега ја потпишале 2000 граѓани, бараат учебната година од 1 септември да се одвива со далечинско учење, а ова барање особено се однесува на учениците од прво до петто одделение.
Авторите на петицијата веќе упатиле и официјално барање до институциите за онлајн настава од 1 септември.
Во петицијата се бара да се донесе одлука за далечинко учење за сите ученици, а посебно да бидат опфатени децата од прво до петто одделение, имајќи ја предвид возраста и неможноста за самостојно почитување на здравствените протоколи.
– Понатаму, единствено со онлајн настава ќе се заштитат децата, наставниците, родителите и нивните блиски, вработените, ризичните групи и целата популација. Моделот што имавме можност да го видиме, а вклучува два часа дневен физички престој во училиште, под маски и физичка дистанца, сменска настава, скратена програма и зимски распуст од 180 денови, е модел кој нема да обезбеди здрава средина за развој, социјализација и едукација и не го поништува ризикот од заразување и изложување на ризик на целокупното население, се вели во петицијата.
Се додава дека со предложениот модел за физичко присуство, дополнително се комлицираат обврските на родителите, а доколку во целиот тој процес бидат вклучени бабите и дедовците (што се чини неминовно), доколку родителите се на работа, се ризикува животот на најранливата категорија граѓани.
Понатаму се бара без исклучок да биде дадена можноста еден од родителите на децата до 10-годишна возраст, да биде ослободен од работа или да има скратено работно време.
– Децата до оваа возраст не можат самостојно да престојуваат дома, особено кога можноста за целодневна настава е исклучена. Потребата од родител постои и во понудениот модел со скратена настава и сменско работење, нагласуваат авторите на петицијата.
Тие предлагаат како платформа за изведба на онлајн учењето да биде избрана Microsoft teams или друга соодветна алатка.
Во посебниот Извештај на Народниот равобранител за предизвиците, проблемите и предностите на реализираната онлајн настава за учениците со попреченост, кој е доставен до Министерството за образование и наука се наведува дека реформите на образовниот систем со цел решавање на нееднаквостите, мора да започнат со препознавање на постојните проблеми и предизвици со кои се соочувале учениците со попреченост од посебните основни и средни училишта за време на онлајн наставата, при што треба да се изнајдат начини истите итно и ефективно да се решат.
-Народниот правобранител препорачува, при изборот и креирањето на модалитетот за изведување (следење) на настава, да се имаат предвид и овие категории на ученици, при што во изборот на начинот на реализација на истата да не се поаѓа само од типичниот ученик. Според Народниот правобранител, креаторите на образовните политики треба да ги идентификуваат и да се раководат од потребите на најмаргинализираните категории, вклучително и учениците со попреченост, при што да обезбедат непречен пристап, квалитетно следење и успешно стекнување на знаења, без разлика дали се вклучени во редовните или посебните училишта. Впрочем, достапноста, пристапноста, приспособливоста и прифатливоста на образовниот систем, и во редовни и во време на вонредни состојби, се итни обврски на државата која е потписник на Конвенцијата за правата на лицата со попреченост, стои во документот на Омбудсманот.
Оттука, се наведува, потребно е обезбедување на непречен пристап до правото на образование на секое дете, дури и во услови на учење од далечина, што пак подразбира зајакнување на капацитетот на образовниот систем во целина, со цел да допре до сите ученици, целосно и ефективно учество, пристапност, присуство и успех на сите ученици, особено оние кои, поради различни причини, се исклучени или се во ризик да бидат маргинализирани.
Народниот правобранител во насока на подобрување на онлајн наставата во посебните основни и средни училишта дава препораки: да се адаптираат сите планирани активности по предмети и подрачја, согласно годишната програма за работа и истите да се прилагодат на настава во услови на далечинско учење, неопходно е и добивање конкретни насоки и упатства од страна на МОН и Бирото за развој на образованието, општо во однос на реализиацијата на онлајн настава, како и специфично, за користење на соодветни едукативни платформи со содржини кои ќе одговараат на способностите за учење на учениците со попреченост;
Меѓу препораките се и зајакнување и подобрување на ИТ вештините и компетенциите на наставничкиот кадар, како и на стручната служба, преку дополнителни обуки за онлајн работа и користење на едукативни платформи, интернет литература и ресурси, навремена и во континуитет помош и поддршка на наставничкиот кадар од страна на стручни лица-информатичари од МОН/ Бирото за равој на образованието кои ќе им бидат на располагање на посебните основни и средни училишта, како и задолжителна помош и поддршка на родителите, преку обезбедување технолошки средства и опрема за непречено следење на онлајн настава, како и нивна обука за користење на истите, при што да се има предвид дека голем дел од децата се од социјално загрозени семејства кои се без потребните информатички вештини и познавања за користење на едукативните платформи.