Народното собрание на Република Српска синоќа усвои предлог-одлука за пристапување кон усвојување нов Устав на Република Српска, пренесе МИА.
За одлуката гласаа 50 пратеници, седум беа против, а двајца пратеници беа воздржани.
Претседателот на Собранието на РС, Ненад Стевандиќ, најави дека денеска во 10 часот ќе започне следната, 20-та посебна седница на Собранието и предложи на дневен ред по итна постапка, да се најдат Нацрт Уставот, како и предлог-законот за заштита на уставниот поредок на РС, на предлог на претседателот на РС, Милорад Додик.
Со донесувањето на одлуката, Комисијата за уставни прашања на Собранието е должна во најкраток можен рок да го подготви текстот на Предлог-уставот на РС и да го достави до Собранието.
Претходно, премиерот на Република Српска, Радован Вишковиќ изјави дека новиот Устав на Република Српска ќе биде во согласност со Дејтонскиот мировен договор и дека институциите на Република Српска се подготвени да разговараат со претставниците на бошњачкиот и хрватскиот народ за да ги заштитат правата и слободите на овие народи.