Пратениците од редовите на опозициската ВМРО-ДПМНЕ побараа од претседателот на Собранието Талат Џафери како прва точка на денешната 50-та седница, да се најде предлог-одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство, што беше одбиено од спикерот на Парламентот, со образложение дека, согласно Уставот, таквиот предлог треба да биде доставен од страна на претседателот на Владата. Џафери потенцира дека таков предлог не добил од премиерот.
– Процедурата за разрешување на член на Влада е санкционирана во член 94 од Уставот. Во став еден од член 94, се вели дека члена на Влада има право да поднесе оставка. Претседателот на Владата може да предложи разрешување на член на Владата. За предлогот за разрешување на член на Влада одлучува Собранието на правата наредна седница, објасни Џафери.
Координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски, цитирајќи го членот 220 од Деловникот на Собранието, во кој се вели дека Собранието на првата наредна седница, без претрес, констатира дека на претседателот на Владата или на член на Влада му престанува мандатот на денот на одржување на седницата, бараше од првиот парламентарец, да ги констатираат дадените оставки на министерот за здравство и неговиот заменик. Тој потсети дека имало таков случај во 2013 година кога тогашната опозиција СДСМ побарала разрешуваше на висок функционер и тој предлог бил ставен на дневен ред.
Пратеникот од Левица, Димитар Апасиев цитирајќи ги ставовите на член 219 од Деловникот рече дека премиерот во случај на оставка треба само неа да ја достави до Парламентот.
Пратеникот Антонијо Милошоски побара предлог точката за одлука за разрешување на Венко Филипче од функцијата министер за здравство да биде ставена на дневен ред посочувајќи дека очекува поддршка од страна на сите пратеници, односно како што рече тој да се констатира оставката за да може на овој важен ресор да се предложи посоодветна личност.
Претседателот на Собранието Талат Џафери кажа дека тој ќе ги стави оставките на дневен ред тогаш кога ќе му бидат доставени од премиерот.
Претходно, пратениците прифатија неколку закони, меѓу кои Закон за дополнување на Законот за реализација на инфраструктурни проекти за изградба на патна делница Миладиновци – Штип и патна делница Кичево – Охрид, по скратена постапка и Закон за дополнување на Законот за превоз во патниот сообраќај, по скратена постапка. Пратениците прифатија на седницата да се расправа и предлог на закон за дополнување на Законот за облигациските односи, по скратена постапка, поднесен од група пратеници.
По барање на координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Мицевски, кој побара од Џафери пауза за да бидат доставени оставките од Владата, претседателот на Парламентот даде пауза, но образложи дека и да стигнат оставките, тој нема да може да ги стави на дневен ред денеска.