пишува: АЛЕКСАНДАР КРЖАЛОВСКИ
Во неделата во која се запечати судбината на Специјалното јавно обвинителство (СЈО), со разрешувањето на неговата предводничка Катица Јанева и констатирањето на Советот на јавни обвинители дека со тоа им престанува мандатот и на преостанатите обвинители од тоа обвинителство, како да се дотепа и надежта дека може во Македонија да функционира правото и да се оствари правда.
Колку што разбирам, СЈО ќе продолжи да работи (уште една година ако не се лажам), но без обвинители таму практично и нема што да се работи… ќе биде само уште една непотребна институција, со некаква форма а без никаква суштина. Како и многу други во државава впрочем. Испаѓа вистинита првата информација што протече од долгите ноќни „преговори“ на (претседателите на) СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ пред некој ден, дека единствено за што постигнале согласност е дека СЈО е мртво!
За жал, и со таа епизода само продолжуваат да го потврдуваат стереотипот што преовладува во јавноста дека единствено што ги интересира во партиите е да избегнат било каква одговорност за своите постапки (особено не кривична, а во никој случај да стигнат до затворски казни) и да заграбат што повеќе од тоа малку што македонската економија го продуцира.
А во услови на правосудство какво што имаме и како што го опиша Прибе во својот фамозен извештај од почетокот на последнава ни криза, тешко можеше да се очекува дека тој систем ќе доведе до некаква праведна завршница. Креирањето на СЈО требаше да врати некаква надеж во реставрирање на систем во кој ќе нема неказнивост за кривични дела и дека тие адекватно ќе се санкционираат (соодветни казни според тежината на делата).
Сега кога СЈО замира, со околу 20-тина предмети од кои малку завршија со осудителни пресуди, а и тие не баш уверливи – како таа за поранешниот премиер Груевски, за влијание на изборот на фамозниот блиндиран Мерцедес (кој патем, колку што следам, си е здрав и жив и во функција на државата, за намената за која и е купен – безбеден превоз на високи странски државници и функционери).
Сето тоа, сега на крајот, е далеку од очекувањата на јавноста, и според бројот на предмети, и според бројот на пресуди, а најмалку пак во однос на најголемото очекување – да се вратат (украдените) пари. Со примена на принципот со кој се осуди Ал Капоне (заврши во затвор за неплатен данок, а не за сите поголеми криминали и убиства кои ги направи), да се најде нешто, а не да се концентрира на „текот на парите“, СЈО чинам, не ја постигна целта заради која беше основано.
Додуша, сѐ уште се зборува/верува дека предметите од СЈО ќе продолжат да се работат во ОЈО, но сѐ е веќе толку разводнето и задоцнето (а гледаме и партиите многу се трудат така и да продолжи), што јас не очекувам било каква разрешница од сето тоа, односно или предметите воопшто нема да продолжат, или ќе се влечат додека не застарат (и/или сѐ ќе се заборави, а актерите ќе се далеку или на безбедно), или пак никогаш нема да завршат. А секако ќе продолжат и обидите (голем дел и ќе успеат) да се платат сите што треба, за да се спасат тие што треба… да не мислиме дека со случајот Рекет ќе престане таквата пракса. Напротив!
Можеби звучам песимистички, но тоа е поткрепено со дебело, над 20-годишно искуство со македонскиот правосуден систем. Негативно, разбира се. Ќе го поткрепам за само два примери од тоа мое искуство. Едниот е од МЦМС (организацијата во која долго време работам), која на почетокот на своето работење (и пред да дојдам јас, значи некаде 1994-1995 година), како дел од експерименталната програма за поддршка на мали и средни претпријатија, одобрила 12 кредити за исто толку фирми кои изгледале перспективно. Сепак, само две од нив на време почнале да ги враќаат кредитите, а со сите останати – се завршило на суд. Процесите траеја неколку години и дел од фирмите, гледајќи дека сепак ќе го загубат спорот, почнаа да ги плаќаат предвидените рати за отплата на кредитот и низ годините успеаја да се раздолжат. Но, повеќето не го направија тоа, па постапките продолжуваа, се развлекуваа, се ангажираа адвокати, па се менуваа судии, па надлежности на судови, па „мал милион“ други работи, за да се стигне до праведно решение.
И што беше епилогот од сето ова за МЦМС? Некаде на 20-годишницата од покренувањето на судските спорови, ја направивме математиката и освен за тие два случаи што си платија на време, констатиравме дека сите други наплати што се направени од 10-те судени фирми во тие две декади, завршиле кај адвокатот/тите (дел директно – како награда за наплатата, а дел индиректно – како надомест за учества на судски рочишта, според адвокатскиот тарифник и други „правни дејствија“), а три од споровите сѐ уште не се завршени и по повеќе од 20 години!!! Како што може и самите да заклучите, приказната за адвокатот, неговиот син правник и случајот со двајцата комшии и оревот меѓу нивните имоти (кои адвокатот го водел 20 години, ем со нив купил и куќа и кола и го школувал својот син) – нам ни се случи на јаве, во вистинскиот живот, со сета своја жестина.
Вториот пример ми е од лично возачко искуство. Имено, јас сакам да возам брзо и возам брзо, но не се сметам за опасен или неодговорен возач (никогаш немам предизвикано штета на друго возило освен своето, ниту загрозено друго лице). Нејсе, заради брзото возење, неколку пати сум запиран со сообраќајната полиција, неколку пати сум казнуван со предвидената глоба и/или казнени поени (во ретки случаи ме „ослободувале“ на лице место, интересно, никогаш заради евентуално мито/поткуп), а три случаи завршуваа и на суд. Е сега, судовите и за вакви, би рекле банални работи, се приказна за себе. Прво, поканата за на суд стигнуваше и по отприлика две години од самиот настан. Потоа, имаше проблеми со доставата на поканата (дали била точна адресата, па дали сум бил дома, итн… сето ова без мој било каков обид да избегнам било што од постапката). Кога веќе ќе се стигнеше до рочиште, покрај прилично ненормалните услови, со закажани 20-30 лица во ист термин или со 2-3 минути разлика, се случуваа одложувања на расправата од разни причини. Од отсуство на судија (или некој друг во постапката), преку недостиг на одреден документ, до очекувањето да се добие некоја информација од друга институција „по службена должност“ па тоа трае со месеци, сѐ до очекување за промена на предметниот закон (а со тоа и на казните) како некоја форма на евентуално ублажување на казната. И сето тоа трае(ше) со години.
Два од тие три случаи конечно се завршија со пресуда со која бев казнет да платам судски трошоци и со забрана за возење од 3 и 6 месеци. Казните си ги платив набрзо потоа (патем и тоа беше патешествие, зошто никаде не беше наведено каде треба да се плати, на која сметка), а и по година или две од пресудите чекам да ми се одземе дозволата (имало и за тоа посебна процедура, во која полицајци доаѓаат дома и ми ја одземаат дозволата или ми врачуваат покана да ја однесам во станица).
И така, ваков „опасен возач“ како мене, и по повеќе од пет години од направените сообраќајни прекршоци (брзо возење), слободно се вози по македонските улици и патишта. А што да очекуваме од процесирање на потешки случаи?!?
Еден поранешен претседател во една прилика ми рече: „Правниот факултет е извор на сите проблеми во државава“. Не знам дали е така (малку апокалиптично звучи), но и според моево искуство (не само од горните два примери) и од наодите на Прибе, а и од тоа што сите го гледаме секој ден во правосудниот ни систем, дури и ако не прави проблеми (а прави), јасно е дека не продуцира многу решенија на проблемите!
Очигледно, за да се реформира таков систем, треба многу „подлабоко да се заора“, односно да се зачисти со многу поголема метла од таа што ја употреби премиерот годинава во својата партија и Владата. Би сакал да бидам оптимист и дека тоа ќе се случува во следниве неколку години, ама едноставно искуството (вклучително сега и со случајов СЈО) постојано ми ги избива аргументите… и надежите!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста. Повредата на авторските права е забранета со закон. Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.