Маја Ивановска
Изјавата на министерот за здравство, Венко Филипче, дека од мај ниту едно дете нема да биде примено во градинка и училиште доколку не е вакцинирано, предизвика лавина од реакции, но и поделени мислења во јавноста.
За потсетување, откако на почетокот на годинава, беше прогласена епидемија на мали сипаници – морбили на територијата на Град Скопје, Министерството за здравство испрати допис до сите градинки со забрана за примање на деца кои ја немаат примено вакцината против морбили. Како една од мерките за справување со епидемијата на морбили, беше и теренското вакцинирање на невакцинирани деца во училиштата во Скопје.
Во меѓувреме од самиот почеток, епидемијата беше проследена со серија скандали поврзани со вакцините и вакцинирањето. Во јавноста се појавија фотографии од пакувањата на вакцината МРП со изминат датум. Откако јавноста не поверува на првичната верзија дека се работи за постара фотографија, Министерството за здравство изврши вонреден инспекциски надзор во кој беше констатирано дека сите вакцини се со важечки рок, но дека од страна на увозникот, компанијата „Македонија лек“ е направен технички пропуст, при што на дел од пакувањата биле залепени стари декларации. Компанијата и вработените од вакциналните пунктови поради скандалот со 650 кутии со погрешна декларација се закитија со парична казна и забрана за конкурирање на следниот тендер, но договорот со фирмата не беше раскинат.
Лошиот „пи-ар“ на министерот Филипче дополнително ја „подгреа“ и онака вжештената атмосфера кога објави фотографија на која ја држи својата внука додека ја вакцинираат и ја повика јавноста на масовна вакцинација, за на крајот да изјави дека сепак таа не е вакцинирана од „спорната“ вакцина бидејќи се уште била премногу мала.
„Мерките“ на Министерството за здравство не само што не успеаја да се справат со епидемијата на морбили на територијата на главниот град, туку пред три дена епидемија е прогласена на целата територија на земјата, а за сега единствениот излез Министерство го гледа во забраната за запишување во училиште и градинка. Исправноста на оваа одлука на Минситерството, Филипче ја „оправдува“ со одлуки од Уставниот суд кој одлучил по претставки од родители во 2014 и 2015 година.
„Прилично се јасни одлуките на Уставниот суд, дека никој нема право да го загрозува јавното здравје, ниту пак има право со својата волја да го загрозува правото на детето да биде здраво“, изјави Филипче. Она што изостави да го спомене е дека истиот суд на којшто се повикува е должен да го брани Уставот на Република Северна Македонија, според кој „Секој има право на образование. Образованието е достапно на секого под еднакви услови. Основното образование е задолжително и бесплатно“.
Она што Филипче, исто така, заборави да го нагласи е дека одлуките на Уставниот суд по претставките од родители, не се однесуваат на правото на детето на образование, туку на паричните казни за родителите коишто одбиваат вакцинација.
Да потсетиме, и Законот за основно образование со којшто се уредува задолжителното основно образование вели дека „секое дете има право на основно образование“, каде што се забранува дискриминација по основ на пол, раса, боја на кожата, национална, социјална, политичка, верска, имотна и општествена припадност во остварувањето на правата од основното воспитување и образование.
Имајќи ги предвид сите досегашни неуспешни мерки на Министерството за здравство во справувањето на епидемијата од морбили, а кои се во контекст на вчерашната изјава на Филипче, она што најитно мора да се направи е да се врати довербата на граѓаните во здравството. Тоа секако нема да се постигне со флагрантно кршење на Уставот и законите.
Пред се, мора да постои максимална транспарентност во процесот на набавување на вакцините, а потоа и соодветни обуки, разговори, па доколку е потребно и казни за оние родители коишто не се согласуваат со вакцинирање на своите деца.
Министерството за здравство исто така е должно да изнајде начин да се справи со анти-вакциналната кампања којашто зема се поголем замав не само во земјата, туку и во светот, па затоа и заболените од морбили во светски рамки е зголемен за 300% во споредба со изминатите години.
Правото на образование на децата не смее да биде ускратено!
Преземање на содржините e ЗАБРАНЕТО (!!!), освен со писмена дозвола од ЦИВИЛ и тоа исклучиво според Условите за користење, авторски права и заштита на приватноста.
Повредата на авторските права е забранета со закон.
Врз основа на договор за соработка, оваа содржина е достапна за Плусинфо и Слободен печат без ограничувања.