ВЕСТ НА ДЕНОТ Заев бара разрешување на Пауновски поради неговиот јавен пркос кон претпоставените
Премиерот Зоран Заев денеска најави дека, иако директорот на Државниот пазарен инспекторат, Стојко Пауновски, е негов личен исклучително добар пријател, ќе побара од службите на Владата да го разрешат. Смета дека за тоа постои основа и очекува да биде покрената постапкa.
„Недозволиво е секој ден преку медиумите некој да води полемики со потпретседателот на Владата, а сега веќе и со премиерот. Тоа е пркос што не е дозволен. Во Владата има хиерархија и се знае како треба да функционира“, вели Заев.
Пауновски рече дека и по цена да биде разрешен, нема да ги прифати сите 35 рамковно вработени. Тој вели дека не му е јасно зошто премиерот Зоран Заев не го разбира кога е дециден дека нема да вработи 35 административци прераспределени во неговиот инспекторат, кои се неквалификувани кадри.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ Кабинетот на Груби во одговор на ЦИВИЛ: Ги осудуваме немилите настани, го повикуваме Јавното обвинителство да постапи…
„Ги осудуваме немилите изолирани настани на етничка и била која друга основа. Владините политики за еднакво општество на рамноправни граѓани се покажаа како успешни и тоа се рефлектира во односите помеѓу сите заедници во земјата, во насока на изградба на кохезивно општество на сите граѓани интегрирани во НАТО и ЕУ. За изолираните инциденти го повикуваме МВР и Јавното обвинителство да го расветлат случајот. За конкретниот случај ќе стапиме во контакт и ќе разговараме со градоначалникот на општина Кочани и општествените локални лидери со цел да дадеме придонес за целосно почитување на правата на сите граѓани во земјата и да се стави крај на дискриминацијата по сите основи“, одговорија од Кабинетот на министерот за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби на неколкуте прашања на ЦИВИЛ поврзани со етнички мотивираните инциденти во Кочани во кое мета на радикални структури е ромската заедница.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИНТЕГРАЦИИ Во рамки на официјалната посета на Република Косово, министерот за надворешни работи, Бујар Османи оствари одвоени средби со претседателката, Вјоса Османи-Садриу и претседателот на Парламентот, Глаук Коњуфца, нагласувајќи дека евро-атлантската перспектива и интеграцијата на целиот регион останува недвосмислена определба на двете држави.
ЗДРАВСТВО „Во новоотворената гинеколошка ординација во населбата Шутот Оризари пристап до примарна гинеколошка здравствена заштита ќе добијат близу 20 илјади жени коишто живеат во оваа населба“, истакна министерот за здравство Венко Филипче, кој денеска ја посети Поликлиниката во Шуто Оризари по повод отворање на ординација на матичен гинеколог.
ОБРАЗОВАНИЕ Потпишан договор за соработка во дуалното образование меѓу СЕТУ „Михајло Пупин“ и четири нови компании од техничкиот сектор. Министерството за образование и наука првпат оваа година ќе понуди 2000 стипендии за 2000 ученици кои ќе се запишат на дуалните и тригодишните наставни програми во висина од 3500 денари за секој ученик, со цел да се помогне во нивниот процес на образование.
ССМ Работниците на кои им се прекршени работничките права во државата, ќе можат да пријават преку новата мобилна апликација на Сојузот на синдикати на Македонија, „ССМ – Мои работнички права“, а пријавите веднаш потоа ќе бидат проследени до Државниот инспекторат за труд (ДИТ).
ПРАВДА Се разоткриваат сомнителните софтвери на Драги Рашковски додека тој е во притвор во Шутка. фирмата на Рашковски освен што го набавила спорниот сообраќаен софтвер, го одржувала и хостингот на Академијата за судии и јавни обвинители Павел Шатев, а при претрес во неговата канцеларија на Правниот факултет бил пронајден и софтверот за прашања на кандидатите.
ПРОМЕНИ Измените на Законот за наставници и стручни соработници се веќе во собраниска процедура и истите предвидуваат, отсега сите нови вработувања во училиштата да бидат директно на неопределено време, наместо како досегашната практика да се чекаат две години за отпочнување на процес на трансформација.
ВАКЦИНАЦИЈА Пратеници од Собранието и дел од вработените во службите во законодавниот дом денеска се вакцинираат во ВИП Арената А1 во Скопје со вакцината на Спутник V. Вакцинацијата се спроведува како дел од имунизацијата на критичната инфраструктура во земјата.
КЛИМАТСКИ ПРОМЕНИ Министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини денеска ја претстави климатската амбиција на Република Северна Македонија на виртуелната министерска тркалезна маса организирана од претседателскиот посебен претставник за клима Џон Кери, во рамките на лидерскиот климатски самит на претседателот на САД, Џо Бајден.
ЦИВИЛНИ АКТИВНОСТИ
ЦИВИЛ го објави првиот видео журнал за различностите во кој дел од тимот на организацијата говори за активностите во Иницијативата Направи разлика: Почитувај ги различностите.
СЛОБОДНА ЗОНА
„Но, на самата Шекеринска никогаш не ѝ се случи да го потцени Заев, ни на јавна ни – колку што ми е мене познато – на приватна сцена. Таа и Заев долго функционираа како тетрис-квадратчиња: нејзината кариера е резултат на континуирана промисленост и внимателни „аптекарски“ политички калкулации – со темелни либерални демократски вредности во себе – што одлично се „вклопи“ со неверојатните политички инстинкти, големата енергија и „народњачкиот“ стил на Заев. Оваа „цело е кога има сè“ комбинација особено добро функционираше во пресудно важните односи со меѓународната заедница (во повремено „содејство“ и со Никола Димитров). Зачленувањето во НАТО на нашата држава трајно и го обезбеди местото (и) на Шекеринска во историјата на Македонија3, пишува Сашо Орданоски во денешната колумна Без Шекеринска, СДСМ во уште поцврста прегратка на Заев
„Во пресекот меѓу мудрите мисли за тоа дека е краток, но и дека е најдолгото нешто што го правиме, остануваат вредностите кои ги создаваме и ги носиме во себе. Не материјалните богатства, позициите и банкарското салдо, туку човечките вредности. Некој ќе постави дилема и за тоа дали вреди да се биде добар и да се негуваат вредностите, кога и онака ќе умреме. „Еднаш се живее…“ Да, еднаш се зживее, но смртта е засекогаш и ништо не можеме да направиме после неа, за да покажеме дека нашето постоење не било апсурдно. Само една шанса имате да оставите добар прв впечаток. Така и со животот – секогаш се живее првпат и тоа е единствената шанса да оставите добар впечаток. Или трага“, пишува Џабир Дерала во Трага
„Внимавајте почитувани читатаели. Немирите во Белфаст почнаа. Денес, во Лондон се закажани големи протести на фудбалските фанови кои ќе почнат во 19.00 часот. Кралицата Елизабета само што стана вдовица и е во длабока старост. Ако не се освестиме и глобално и локално, не очекуваат глобални трагикомедии кои ни Шекспир ни Шекспирица не ќе може да ги напишат“, пишува Агрон Биба во После смртта на Британската Кралица, Шекспирова трагикомедија
Б. Јордановска












