Тереза Мeј денеска официјално ќе се повлече од лидерската позиција во Конзервативната партија, како што тоа го најави, но ќе остане премиер додека не биде избран нејзиниот наследник.
Меј ја објави својата оставка пред две недели, образложувајќи дека е резултат на тоа што не била во можност да го спроведе Брегзит.
Тереза Меј на премиерската функција се наоѓа речиси 3 години и го наследи Дејвид Камерон. Претходно шест години беше секретар за внатрешни работи. За време на нејзиниот мандат доминираше Брегзит.
Велика Британија првично требаше да ја напушти Европската унија на 29 март. Откако меј не успеа да обезбеди поддршка во Парламентот за нејзиниот Договор за Брегзит со ЕУ, тоа беше одложувано, прво за 12 април, за конечно да се одреди краен рок до 31 октомври.
Таа ја објави нејзината оставка, велејќи дека направила сé што може за да ги убеди пратениците да го поддржат Договорот што таа го преговараше со Европската унија, но дека сега е време, нов премиер да се обиде да го спроведе Брегзит.
Новиот лидер до 22 јули
Единаесет пратеници на Конзервативната партија најавија дека ќе се борат да ја заменат како лидер на партијата, а со тоа и за премиерската функција.
Секој од кандидатите треба да биде поддржан од 8 пареници. Потоа пратениците ќе гласаат за нивните кандидати во низа тајни гласања на 13, 18, 19 и 20 јуни.
Чарлс Вокер од Комитетот на Конзервативната група 1922, кој ги поставува правилата изјави: “Нашата цел е да имаме двајца кандидати до четврток, 20 јуни”.
Тие двајца кандидати ќе се гласаат во Конзервативна партија, а победникот што се очекува да биде објавен на 22 јули.