Categories

КОНФЕРЕНЦИЈА Премиерот Зоран Заев ќе учествува на годишната средба на ЕБОР во Сараево со останатите лидери од Западен Балкан

Редовната средба на Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) годинава ќе се одржи во Сараево од 7 до 9 мај, а на неа ќе учествува и премиерот на Република Северна Македонија, Зоран Заев, заедно со сите останати лидери на земјите од Западен Балкан. Повеќе од 2.000 претставници на меѓународната бизнис-заедница, инвеститори, високи владини службеници (гувернери на ЕБОР, министри за финансии, економисти, благајници или централни банки), како и лица од граѓанските организации ќе ја посетат Босна и Херцеговина.

„Оваа „годишна конференција“ овозможува идеална прилика да се сврти вниманието кон потенцијалот за инвестиции, економски раст и создавање нови работни места. Европската банка за обнова и развој (European Bank for Reconstruction and Development – EBRD) сака да придонесе во креирањето економија што ќе овозможи просперитет и развој на локалната популација, како и создавање рамка што ќе го забрза процесот на вклучување во Европската Унија. Сигурен сум дека еден ден ќе се сеќаваме на овој настан како на значаен чекор во процесот на остварување на овие цели“, рече Енцо Куатрокиоче, генерален секретар на ЕБОР.

Освен претседателот на Владата на Република Северна Македонија, и Денис Звиздиќ, претседавачот на советот на министри на БиХ, настанот со пристуство ќе го поддржат и претседателот на Црна Гора, Мило Ѓукановиќ, премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на Косово, Хашим Тачи и претседателот на Србија, Александар Вучиќ.

„Ова е еден од проектите за кои што се залагам уште од 2010 година. Токму затоа сум исклучително среќен што можеме да ја поддржиме организацијата на овој извонреден настан. Ме радува што оваа приказна ќе биде поддржана од претставниците на земјите од Западен Балкан и се надевам дека оваа средба ќе ја искористиме со цел заеднички да го претставиме нашиот потенцијал и економски да напредуваме“, рече Мирко Шаровиќ, Министер за трговска размена и економски врски.

Лидерите на земјите од Западен Балкан ќе се сретнат во рамки на програмата на оваа конференција и ќе дискутираат за низа прашања од економска и од политичка природа, што се клучни за целиот регион. Главната тема на годинашниот бизнис-форум ќе биде „Поврзување на економиите за посилен раст“, а агендата ќе покрие широк опсег на области релевантни за сите држави во кои што ЕБОР работи, како: инвестиции, миграција, туризам, дигитизација.

Ќе се водат и дискусии за регионални прашања со фокус на можностите за инвестиции во Западен Балкан.

Print Friendly, PDF & Email