Министерството за внатрешни работи во текот на завчерашниот ден (21.12.2021) извести за 10 приведени лица поради сомнение за криумчарење и неовластена трговија со прекурсори, како резултат на голема акција со претреси на повеќе локации во Куманово и Скопје, при што се лишени од слобода десет лица на возраст од 35 до 53 години, петмина од Куманово, четворица од Скопје и еден од тетовско, меѓу кои тројца полициски службеници и петмина царински службеници. Деветмината се сомничат дека извршиле кривично дело „криумчарење“ од член 278, а тројца од нив дека сториле и кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори“ по чл.215 од Кривичниот законик, додека при претрес кај едниот од нив, односно десеттиот од приведените бил пронајден и одземен кокаин, информираше министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски на денешната прес-конференција.
– Имено, истрагата за оваа акција Секторот за недозволена трговија со дрога, оружје и опасни материи ја реализираше во подолг временски период од околу 9 месеци по насока на Јавен обвинител од Специјалното одделение за гонење на овластени службени лица во ОЈО за гонење на организиран криминал и корупција, во рамки на која беа опфатени полициски службеници за кои постоеја основи на сомнение дека се занимаваат со недозволена трговија на наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори на подрачјето на Куманово, но и околу евентуална инволвираност во овие кривични дела на лица на територијата на целата држава, соопшти министерот.
Министерот Спасовски не сакаше да коментира дали ќе биде дел од составот на новата Влада.
– Ништо нема да коментирам, а за сите идни случувања во овој дел ќе донесам дополнителна одлука, изјави министерот.
Собранието денеска ја констатираше оставката на Зоран Заев на премиерската функција, што повлекува и оставка на целата Влада. По констатирањето на оставката, се очекува парламентарното мнозинство за мандатар да го предложи новиот лидер на СДСМ и актуелен заменик министер за финансии Димитар Ковачевски












