“In vino veritas”
Го гледам нашиов ни претседател на државата, а и ги гледам кандидативе за претседател и си мислам-што намќор фаци бреееее, да се немало насмевка на лицето. Па у војна ли одиме, или во НАТО и Европа влегуваме!?
Ми текнува, пред многу години, од Американската Амбасада како вработена тогаш таму, ме пратија на тренинг во Виена, “customer training” –тренинг за однесување со клиенти/странки. Како и обично, секаде некако отскокнував или со идеи, или со некои мои коментари и дискусии. Нејсе, влегуваме во училницата, никој со никого не се познаваме, а претставници од Американските Амбасади од цела Европа присутни, тоа Британија, Италија, Загреб, Белгија, Германија, итн…На средина на училницата-маса, а на масата седната жена. Со темен тен, елегантно пополнета (малку повеќе од елегантно), кратко сукњиче, блузичка ракопчана на бујните гради и брадавиците само што не излегле од неа, косата ноншалантно со сите нејзини густи кадрици во некој привлечен сексипил расфрлена наназад, ставот со телото исфрлено нанапред и со поткрената брада. Пркосна, намќоресто арогантна појава . Долги нозе вметнати во длабоки чизми со висока штикла, префрлени една над друга. Седната на маса! На среде училница!
Како што влегуваме, зјапаме во неа, но и се смееме. Некој прашува:
-Оваа ќе ни предава “однесување со клиенти/странки”!?
Друг вели:
-Се, се, ама оваа не изгледа како предавач!
А јас пак си помислив и прашав на глас:
-Да не сум можеби во погрешна училница!?
Ми текнува, како што седнувавме сите се смеевме се до еден момент кога смеата стана грмотевична, а без ниту еден збор изустен. Колку јака слика. Колку јака нема порака.
Стана инструкторката, го исправи здолништете и таа се издолжи, ја закопча блузата, потсреди и потсмири косата, а на лицето си наметна широка, блага, длабоко природна и искрена насмевка. Невидена трансфомација кај инструкторката, кај нас учениците, а и во етерот во училницата.
Почна предавањето. Нејзиното прво прашање беше:
-Колку е важен нашиот изглед и каква порака испраќаме со нашето тело, со нашите гестикулации и пози? Дали жената што беше на масата наликуваше на озбилен инструктор за однесување со странки!?
Не! Воопшто не. Изгледаше како продавач на сопственото тело. Сосема неозбилно за инструктор. Сосема неозбилно за изглед на некој што работи со странки. Затоа никој не можеше да се соземе од смеа се до нејзината трансформација.
Новиот трансформиран изглед на инструкторката и даде озбилност на работилницата во училницата сред Виена. Нејзината насмевка и даде моќ и убав тоналитет на едно неделниот тренинг.
Ми текнува, таа рече:
-Во тој што е спротив вас и ве гледа ќе допрете до него само со насмевка, но таква, искрена насмевка. Таа се препознава кога доаѓа длабоко од вас од таа која е искривена и под притисок од умот наметната.
Продолжи инструкторката: Дури и секогаш кога ќе ви зазвони телефонот, пред да ја кренете слушалката – Put a smile on your face! (Вметни насмевка на твоето лице). Странката од другата страна на кабелот ќе ја почувствува вашата насмевка. Насмевката претопена во убави и умни мисли ги прави уште по моќни зборовите.
Претседатели, насмевка молам! Моќна е насмевката и железна врата отвара!