Претседателот на Јужна Кореја, Јун Сук-Јол во своето прво јавно обраќање по обидот да прогласи вонредна состојба, изјави дека ја донел одлуката „од очај“ и ѝ се извини на нацијата. Тој рече и дека одлуката за неговиот мандат ја препушта на Партијата на народната моќ, на која и припаѓа. Веднаш потоа лидерот на Партијата на народна моќ, Хан Донг-Хун изјави дека оставката на јужнокорејскиот претседател е неизбежна.
Говорот на јужнокорејскиот претседател дојде само неколку часа пред парламентарното гласање кое може да доведе до негов импичмент.
Одлуката да прогласам вонредна состојба ја донесов од очај. Тоа ги направи луѓето вознемирени и непријатни. Многу ми е жал и ви се извинувам“, рече Јун Сук-Јол но, не соопшти дали е подготвен да поднесе оставка и не го спомна претстојното гласање за импичмент во парламентот.
Претседателот на Јужна Кореја предизвика политички хаос во земјата откако ненадејно воведе вонредна состојба претходно оваа недела, прва во земјата во последните 50 години. По потегот на претседателот, илјадници гневни луѓе излегоа на улиците на Сеул. Пратениците кои присуствуваа на вонредната седница, гласаа против одлуката на претседателот, а подоцна тој ја откаже вонредната состојба.












