Авионот во сопственост на владата на Германија, од типот „Ербас А340“ со кој Ангела Меркел и германската делегација патуваа на Самитот во Буенос Аирес, поради проблем со неколку електронски системи синоќа мораше да слета кусо по полетувањето од Берлин на аеродромот во Келн/Бон.
Информацијата ја потврди и канцеларката Меркел.
„Тоа беше сериозен проблем“, изјави Меркел неколку часа по принудното слетување, откако делегацијата беше сместена во хотел во Бон. „За среќа имаме извонреден екипаж и искусен пилот“, изјави канцеларката.
Меркел заедно со германската делегација ќе го пропушти отворањето на Самитот г20 во Аргентина, но и неколку состаноци.
Таа требаше да оствари средби со американскиот претседател Доналд Трамп и рускиот претседател Владимир Путин.
Меркел и останатите патници, меѓу кои и министерот за финансии Ото Шолц по слетувањето во Келн останале во авионот околу 70 минути додека екипи ги испитувале кочниците на авионот, бидејќи имал „тешко слетување“, а околу биле паркирани десетина противпожарни возила.
Потоа било одлучено канцеларката и делегацијата да преспијат во хотел со четири ѕвездички во Бон. Денеска таа и дел од делегацијата ќе летаа со друг владион авион до Мадрид, а потоа со редовна линија на комерцијална компанија за Буенос Аирес. Нејзиниот сопруг се откажал од патувањето, а канцеларката ќе пропушти некои средби.
Магазинот „Шпигел“ објави дека паднал целиот комуникациски систем на авионот, што предизвикало сериозна опасност, па екипажот слетал во Келн со помош на сателитски телефон.