ВЕСТ НА ДЕНОТ
Дел од пожарите активни, меѓународната солидарност на дело
Уште се активни пожарите во Делчево, Пехчево, Свети Николе, Штип, Прилеп, Куманово, Валандово и Радовиш. Повторно гори и во Гостивар, а под контрола е ставен пожарот во Сарај, во атарот над селата Раовиќ и Буковиќ, информираат од Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Во раните утрински часови пристигна првата група од конвојот на Австрија со тимовите за заштита од пожари составена од 60 припадници и 20 возила, додека втората група се очекува да пристигне во текот на денот.
На терен интервенираат 60 припадници на Армијата, 22 припадници на МВР ЕБР, МВР Тигри со 24 припадници, ШС Голак Делчево со 25 вработени и четири теренски возила, ТППЕ Делчево со 12 пожарникари, две ПП возила и едно теренско возило, гранична полиција со четири теренски возила, МВР ПС Делчево со две припадници и едно теренско возило, ЈПКД Брегалница со пет вработени, 2 ровокопачи, теренско возило и едно возило со цистерна од еден тон, РЦУК Делчево со две вработени, ТППЕ Македонска Каменица со четири пожарникари со теренско возило, Црвен Крст Делчево со волонтери, ТППЕ од Бугарија со шест пожарникари и едно ПП возило.
ПП екипата од Словенија се распоредени во атарот на селата Црник и Негрево. Интервенираа и хеликоптери.
Сите детали околу пожарите можете да ги прочитате на следниот ЛИНК.
ИЗЈАВА НА ДЕНОТ
Ангелов: Во некои случаи пожари се предизвикани од искрење на жици на бандери
Во неколку случаи е утврдено дека пожари се настанати поради искрење помеѓу жици на бандери или далекуводи, поради што во тек е изработка на барање до ЕВН за да ги проверат нивните системи за дистрибуција на електрична енергија, информира денеска на прес-конференција директорот на Центарот за управување со кризи (ЦУК), Стојанче Ангелов.
Тој напомена дека овие искрите паѓаат на земја, а доволно е само една од нив за да предизвика пожар, посочувајќи дека вчера во кумановскиот регион имало и сведоци кои виделе искрење на жиците.
– Во текот на вчерашниот ден јас бев на местото на неколку пожари. Во кумановскиот регион имаме сведоци кои што виделе искрење на жици. Пожарот во Богословец е предизвикан од искрење на жици и имаме очевидец кој кога паднале искрите, веднаш се стрчал кон местото, но едноставно бил немоќен, затоа што пожарот се шири со многу голема брзина поради сувата вегетација и ветришта кои постојано дуваат, додаде директорот на ЦУК.
ФЛЕШ ВЕСТИ
ИЗБОРИ Претседателот на Собранието Талат Џафери денеска во 17 часот ќе ги распише локалните избори, кои ќе се одржат на 17 октомври годинава.
КАМПАЊА Иако кампањата почнува три недели пред денот на изборите, партиите веќе се активни на терен и најавуваат изборни коалиции и комбинаторики. Дел од партите веќе излегоа со свои кандидати и најавија соработки за претстојните локални избори
ЖАЛБИ Државната изборна комисија, на денешната 12-та седница, наведе дека е одбиена жалбата за набавка на уреди за биометриска идентификација на гласачите со отпечаток од прст, со што во наредниот период ќе се склучи договор со економскиот оператор за набавка на истите.
КАНДИДАТИ Вицепремиерот Артан Груби денеска потврди дека Рамиз Мерко повторно ќе биде кандидат на ДУИ за градоначалник на Струга.
ВАКЦИНИ Во земјава утрово пристигнаа 20.000 вакцини на „Астра Зенека“, донација од Република Хрватска, информираа од Министерството за здравство.
ИМУНИТЕТ Од 416.614 лица кои се вакцинирани со две дози на вакцина против Ковид-19, заклучно со вчерашниот ден, вкупно 167 се заразиле 14 дена по примена втора доза вакцина. Само 11 од нив биле хоспитализирани, информираше денеска Министерството за здравство.
ОДМОР Во периодот од 3 до 12 август дел од членовите на владата ќе искористат денови од годишен одмор. Владата посочува дека согласно меѓусебната координација, дел од министрите нема да користат денови од годишен одмор во овој период, а со цел да се обезбеди и теренска и канцелариска координација на активностите секогаш и секаде каде што тоа е потребно.
ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
ИНИЦИЈАТИВА: НАПРАВИ РАЗЛИКА, ПОЧИТУВАЈ ГИ РАЗЛИЧНОСТИТЕ
Да се знаат јазиците на моите сограѓани е вистинско богатство
#НаправиРазлика #ПочитувајГиРазличностите
ГРАЃАНСКА АКЦИЈА
НАПАДИ НА ДЕМОКРАТИЈАТА И ЧОВЕКОВИТЕ ПРАВА
Амина Шурковиќ на Регионалната конференција „Напади врз демократијата и човековите права“, 28 јули 2021, Скопје, меѓу другото, изјави: „Ниската свест за кибернетичка безбедност и медиумска писменост ги прави луѓето соодветна публика за манипулација“.
Д.Тахири













