Седум лица се приведени за автобуската несреќа кај селото Ласкарци, во која загинаа 15 луѓе, на 13 февруари. Обвинителството бара да се отвори истрага за шест од нив, а за седмото лице бара мерка на претпазливост. Меѓу уапсените е и сопственикот на „Дурмо турс“, раководителот на фирмата, возачот и лица кои дале одобрение за техничката исправност на автобусот кои се вработени во другата фирма коja исто така е во сопственост на газдата на „Дурмо Турс“.
Како што кажа шефот на Основното јавно обвинителство Скопје, Сашо Рајчев, причина за сообраќајната несреќа е неисправност на сопирачките на автобусот и шоферот возел над дозволената брзина, односно 80 километри на час.
„Од денот на несреќата до денес се води интензивна истражна постапка. Истрагата покажа дека сопирачките биле неисправни и иако тоа било увидено на техничкиот преглед во јули 2018 година, сепак му било дадена дозвола за работа. Истото и покрај неправилностите било направено и при техничкиот прием во декември 2018 година. Дополнително е утврдено дека е манипулирано со тахографот со што не се покажувала реалната брзина на возење. Возачот тој ден возел со 99 километри на час. За возила над 3 тони дозволена брзина е 80 километри на час. Автобусот е тежок 15 тони. Неисправноста на кочниците и големата брзина се причина за сообраќајката“, рече Рајчев.