пишува: АРБЕН ЗЕЌИРИ
Една урбана досетка, кога се користат исти измами, вели – „Стара фора, нова будала“. Ова се користи најчесто кога се наоѓаат нови жртви кои ќе паднат на старата измама. Ова важеше во 2008, 2011, 2013, 2014 и пoследен пат 2017 година. Но, тука заврши се.
Ги слушаме како едни бараат подршка за прв пат да добијат премиер, а ги видовме како цело време го бранеа Груевски и го подржуваа во секој негов криминал. Бараат Бадентер во Влада за да ги штитат наводно Албанците од дискриминација, а со нивните гласови во Собрание ги гласаа сите буџети на Груевски со кои се дискриминираше целото општество, и Македонци, и Албанци, и Турци, и Роми, и Власи, и Срби, и сите кои живеат во оваа земја, а добија само врхушката на тогашната власт. Ги слушаме ВМРО-ДПМНЕ како од една страна ветуваат поништување на Преспанскиот договор и истовремено преговори со ЕУ. А пред извесен период ги слушавме како преговараа за Горна, Вардарска и Скопска Македонија, а истовремено 14 години не држеа изолирани од цел западен свет.
Ги слушавме и порано како некои штитеа од наводната Тиранска платформа и федерализација, а другите демек со амин на Тирана ќе ги кренеле Албанците на повисока уставна положба. Ниту државата се федерализираше, ниту Албанците се креваа некаде повисоко. Само што од целата таа приказна се срамевме пред цел свет на 27 април, се загрозија животите на пратениците и иднината на државата. Тие истите, сега се грижат за здравството а памтиме како едно време здравството колабираше, а пациенти и деца ги губеа живототе од лошиот систем и од негрижа на државата. Да, сега се грижат тие, во чие време почина малата Тамара бидејќи за неа немале пари, а за стиропор, чоколадо и шампита, трошеа милиони. Ги слушаме како ќе условуваат едни (ДУИ) а ќе одговорат други (ВМРО-ДПМНЕ), а уште ги памтиме од бомбите како “условувале и бранеле”, за времето на законот за бранители, пописот и слични теми, на тајни средби во Собрание со насмевки и здравици.
Слушаме многу национализми и фолклоризми кои се опасни теми во теорија, но не веќе и во пракса. Да, оваа реторика предизвикуваше тепачки по автобуси, стадиони, на Кале, во Собрание, и насекаде низ земјава. Но сега, за среќа, нема веќе. Единствена последица од нивната реторика се некои пцуења и коментари по социјалните мрежи, кои се бучно малцинство и ништо повеќе. За среќа, општеството, граѓаните ги препознаа. Веќе никој не се пали, не се тепа, ниту се замара со нив.
Да, ова е стара фора, но повеќе нема будали. Им прават ќејф на нивните блиски со испрани мозоци и ништо повеќе. Граѓанките и граѓаните, Албанците и Македонците сега бараат нешто друго: иднина, економија, повисоки плати, стабилна и безбедна држава, интеграции, квалитетно образование, здравство и подобар живот и соживот. Затоа се нервозни и едни и други, и ДУИ и ДПМНЕ, и од сите црни сценарија сега им остана само едно дело кое го прават уште: скинати постери на опоненти, и ништо, ама ништо повеќе!
По 15 Јули, и тие ќе разберат дека нема веќе будали, ама ќе им треба многу време да се опаметат самите!