Професорката по физика Олга Сејменов од скопската гимназија „Јосип Броз – Тито“, за која ЦИВИЛ Медиа извести уште минатата година, по 23 години поминати во гимназијата е оставена и без работа и без пензија.
За потсетување, Сејменов во јули минатата година не можеше да го оствари своето, со закон гарантирано право, на продолжување на Договорот за вработување по навршени 64 години возраст.
Наместо одлука за продолжување, училиштето донесе решение за прекин на Договорот за работа, поради остварување на старосна пензија, иако професорката сè уште немаше навршено 64 години.
Како причина за ваквиот однос кон неа, Сејменов ја наведува нетрпеливоста на директорката кон неа во изминатите години, едноставно поради тоа што не се согласувала со сите нејзини одлуки.
По жалбата до Училишниот одбор, Сејменов е одбиена, со образложение дека барањето за продолжување на Договорот за работа не е поднесено во законски дадениот рок.
Осум месеци подоцна, Сејменов не е ниту вратена на работа, ниту може да го оствари своето право на пензија, затоа што како што вели, службите на училиштето сè уште не ги средиле и не ги доставиле документите до ПИОМ.
„Дадов изјава за продолжување на моето вработување, врз основа на која требаше да добијам одлука, меѓутоа таа одлука до денеска не ја добив. Ниту позитивна, ниту негативна. Единствено што направија е тоа дека на 20 јули 2017 година ме одјавија од работа. Сега сум ниту во пензија, ниту вработена“, вели Сејменов.
Таа вели дека бидејќи тие ја одјавиле по службена должност, требале да ги средат и документите во ПИОМ.
При проверката во ПИОМ се констатирани недостатоци кои треба да ги исправи службата на училиштето, но оттаму само молк.
„7-8 месеци јас сум без здравствена заштита и без примања. Јас сакав сама да го регулирам мојот статус, но не успеав бидејќи документацијата не е средена од страна на гимназијата. Ги барав и телефонски, на крајот и писмено се обратив, но одговор од гимназијата нема!“, вели Сејменов.
Во меѓувреме бидејќи својот проблем не можела да го реши преку институциите до кои се обратила, Сејменов поднела тужба до училиштето. Но и судската постапка е заглавена.
„За жал и таа пресуда до сега требаше да биде донесена според Законот за работни односи кој вели дека во рок од 6 месеци треба да се донесе пресуда. Но и таа се одолговлекува и пролонгира од страна на гимназијата. Постапката сè уште е на самиот почеток. Сè уште не сме имале главна расправа. Директорката не се појави бидејќи не знаела дека ќе има главна расправа“, вели Сејменов.
За тоа како живее овие месеци, вели дека е благодарна на своите роднини, но дека тоа не е решение. Покрај поддршката од семејството, Сејменов има поддршка и од дел од колегите. ЦИВИЛ Медиа разговараше со неколкумина кои зад камерите изјавија дека е навистина срамота ова што и се случува на нивната колешка, потврдувајќи ја нетрпеливоста на директорката на Гимназијата кон Сејменов.
„Се надевам дека правдата ќе победи!“ вели уште една професорка од училиштето.
ЦИВИЛ Медиа се обиде да стапи во контакт и со директорката на училиштето, но таа беше недостапна за изјава.
Маја Ивановска
Камера: Дехран Муратов
Фотографија: Биљана Јордановска