Пред Собранието на Република Македонија, за утре во 18 часот е закажан протест за амнестија за сиромашните, односно затвор за олигарсите.
Барањата коишто се напишани во повикот до некаде ја отсликуваат сликата на македонското општество во изминативе месеци, но она што збунува е неофицијалноста во поглед на организацијата на истиот.
Протестот е закажан на Фејсбук страницата 99% Македонија, односно нема официјален организатор. Според активностите на фејсбук страницата, Протестот „за аместија за сиромашните“ е закажан во период кога во Собранието се одвива завршна фаза за уставните измени за договорот од Преспа, а пред Собранието се организираат протести против уставните измени. Се поставува прашањето дали анонимните организатори ги користат сиромашните за нивни политички (патриотски) цели?! И дали е ова еден обид за поддршка од што поголем број на граѓани, користејќи ги нивните секојдневни болки и проблеми?
„Ги амнестирате криминалите на СДСМ-ДПМНЕ-ДУИ! Ги казнувате продавачите на марули! Наградувате политички бандитизам, а казнувате сиромаштија. Вашите закони служат за една цел: богатење на политичките и бизнис бандити на штета на сиромашниот народ! Додека 28 години градите споменици и шупливи згради, ги распродавате и последните слободни парцели на градежната мафија, додека дивите депонии неказнето работат, а крупните индустриски гиганти непречено загадуваат, додека лошо ја глумите борбата против рудниците на смртта – ние умираме од загаден воздух и уништена животна средина!“, стои во повикот.
На протестот ќе побараат итно поништување на амнестијата на криминалците со цел уставни промени и влез во НАТО, затвор за сите функционери и политички бандити кои ја украдоа и крадат државата и распуштање на СЈО…
Д. М.